ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати една изборна единица, доколку власта излезе со решение

Фото: МИА

ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна едицина. Пратеникот Антонио Милошоски денеска ја повика власта да излезе со решение, по што најави дека опозициската партија ќе се вклучи во утврдување на конечниот текст на Изборниот законик.

-Владата на СДСМ и ДУИ седум години ги манипулира и јавноста и помалите политички партии за менување на моделот во една изборна единица како подемократски изборен модел. Втората манипулација беше дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го попречи ваквото менување на изборниот модел. Ние уште пред две години кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица и дека тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на цела територија на Република Македонија и ја повикуваме власта да излезе со вакво решение, рече тој, на новинарско прашање.

Доколку власта излезе со решение за една изборна единица, тогаш, како што дополни, тие ќе се вклучат и ќе го дадат нивниот придонес во утврдувањето на конечниот текст на Изборниот законик.

-Доколку власта не е подготвена за суштински измени за поголема демократизација на изборниот модел, а измените се однесуваат само на некои технички, важни, но сепак технички забелешки дадени од ОБСЕ и од ОДИХР ги поддржуваме, немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел, рече Милошоски.

Утре ќе се одржи конститутивна седница на работната група за изборни реформи формирана од Министерството за правда, која ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно да работи и на нов Изборен законик.

Претседателот на работната група адвокатот и поранешен претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски  изјави дека приоритетите треба да ги утврдат сите заедно.

-Приоритетите кои се ќе треба да ги утврдиме заедно сите. Јас само ќе ја предводам таа работна група, транспарентно мислам да се работи, за да се дојде до одредени усогласувања, прво со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, кои се провлекуваа низ изборни циклуси и многу се исти, но секако не се превземаат навреме промени за да се усогласат. Исто така таму има и една забелешка во која се бара да се размисли и да се направи нов изборен законик, вели Новаковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот