Вирусот и политиката во Босна и Херцеговина: Популизмот убива

Премиерот на кантонот Сараево, Един Форто и неговата влада имаат избор да нè направат посиромашни или да ни дозволат да умреме што побрзо

Фактите се, да ја повторам мојата реченица објавена овде пред половина година, надмината работа. Важен е само впечатокот стекнат врз основа на поплавата од изјави на сите видови аналитичари, експерти, директори, невладиниот сектор и неселективните медиуми на кои борците од ММА станаа релевантни соговорници за сите животни теми. Драматуршкиот перформанс е ценет повеќе од сериозна анализа, силата на аргументите не дофрла ни до пет лајка, за разлика од фотографиите на кои позирате со мачка или над гробот на вашата омилена пејачка. На кратко, популизмот нè убива.

Станува сè помалку популарно да се биде на страната на „најдобрата влада“ во светот. Им се закануваат со јајца, им протестираат под прозорците, ги навредуваат на социјалните мрежи, па дури и нивните идеолози и разни инфлуенсерки креваат раце од нив. Един Форто – премиерот на кантонот Сараево избран на таа функција на 5 јануари годинава – повеќе не е „ин“. Нема амбасадори да им дадат „јавна поддршка“, исчезнаа дневните промотивни интервјуа, има сè помалку и помалку пари во кантоналниот буџет, а бројот на пациенти и смртни случаи од короната се зголемува. Ги прозива СДА, ги предупредува, за време на паузите во дружењето со мачката, директорката на универзитетскиот клинички центар во Сараево, Себија Изетбеговиќ, а на социјалните мрежи кантоналниот министер за здравство Харис Враниќ веќе и не е таков експерт. Д-р Исмет Гавранкапетановиќ, директорот на Сараевската болница, исто така замолкна, Елмедин Конаковиќ (претседателот на партијата Народ и правда) се „изолираше“, писмата за поддршка на кантоналната влада беа напишани само од „блокот БХ“, но не и од Четворката (составена од партиите СДП, Наша странка, Независната босанско-херцеговска листа и Народ и правда).

Во криза – мора „цврста рака“

Но, ајде да бидеме реални, Един Форто и неговата Влада прават колку што можат во овие услови. Дали е тоа недоволно? Да, недоволно е. Само што, за нешто повеќе од ова, се потребни коренити реформи. Да не се лажеме, во кризни ситуации не помагаат никакви „регистри на имот“, не помага „потранспарентни јавни набавки“, ниту приказната за корупција. Во такви ситуации помага само – централизираната држава.

Не е виновен Един Форто што, да речеме, министрите од ХДЗ ги попречуваа процедурите за набавка на вакцини. Не е виновна Форто што се зголемува бројот на заразени лица во сараевскиот кантон и дека две завојувани болници во Сараево се препукуваат за време на корона. Не е виновен ни што се усвоија мерки што значат помало движење на луѓе низ градот, но и помалку приходи за девастираното угостителство. Ако го прозивате поради растечкиот број на мртви и заразени во сараевскиот кантон, тогаш немате право да го прозивате затоа што одлучил да го „затвори Кантонот“. Тоа не е дефетизам, туку здрав разум – Един Форто и неговата влада имаат избор да нè направат посиромашни или да ни дозволат да умреме што побрзо.

Да, тоа е единствениот избор во сиромашните земји, кои немаат доволно пари за поддршка на економијата. Тоа е единствениот избор во државите каде што државјанин на соседна држава осудена за здружен злосторнички потфат во БиХ, привремено распореден во Советот на министри, може да блокира набавка на вакцини. И да остане неказнет.

Значи, во кризни ситуации, мора да има „цврста рака“. И мора да има заедништво. Не се виновни Форто и Наша странка што донесоа мерки, какви-такви, за „затворање на сараевскиот кантон“. Нивна вина е што, заради популизмот и два-тви твита на независниот пратеник Дамир Арнаут, опозицијата го оспори правото на властите да им наложат на граѓаните да носат маски и да воведат полициски час. Сега тој популизам им дојде да си ја наплати цената.

Короната коси насекаде

СДА и Себија Изетбеговиќ истовремено се радуваат на „неуспехот“ на Владата на Форто. Врз бројот на мртвите собираат политички поени и го рушат имиџот на „најдобрата влада во светот“. Накусо, го прават истото она што го правеше Четворката кога беше во опозиција. Верувам дека ќе се сетите дека секоја смрт од коронавирус во Сараево во март и април минатата година беше афера од светски размери. Во Сараево сега умираат десетина луѓе дневно. Дали треба од тоа да се прави „политичка афера“? Не треба. Како што не требаше да се прави ни минатата година.

Коронавирусот носи животи насекаде. Сите земји, освен Израел, имаат проблеми со набавка на вакцини. А, повеќето од тие земји кои имаат проблеми не се уредени како БиХ.

Кога ќе напишете дека за оваа земја е од витално значење да го врати хрватскиот делегат од Широк Брег во Зеница, почнуваат да ве исмеваат оние кои не разбираат дека тој е шестата рака за гласање во Клубот на Хрватите во Домот на народите на Федерацијата БиХ, кој може да одлучи кој ќе биде претседател на Федерацијата, кој ќе биде премиер на Федерацијата, кој ќе го контролира Институтот за јавно здравје и кое ќе биде лицето задолжено за набавка на вакцини.

Но, затоа, ако започнете петиција „против носење маски“, станувате херој на нацијата. Кога ќе се сликате со мачка и маска, добивате илјадници лајкови.

Значи, популизмот убива.

 

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот