Виртуелен музеј: Архива на делата на Стефан Сидовски-Сидо е ставена на интернет

Познавачите и почитувачите на ликот и делото на Стефан Сидовски-Сидо (Скопје, 1946-2019), легендарен професор по филозофија и филм, филмски аматер, филмофил, проследувач и проучувач на филмот, мислител и урбана легенда, ќе можат да ги збогатат своите сеќавања и искуства преку веб-страницата sido.mk, која е поставена во интернет-просторот и на некој начин претставува виртуелен меморијален „музеј“ на неговата ретка личност во скопското и македонското културно милје. По неговата смрт, неговото семејство, пријатели, почитувачи, некогашни ученици и соработници се здружиле во благородна мисија да создадат архива која „нема друга претензија освен да биде нежно сведоштво за еден ваков вид на недостиг“.

– По смртта на Стефан Сидовски-Сидо во неговиот дом беа пронајдени двесте четириесет и две целосно испишани тетратки од различен формат, чиј вкупен број на страници, во ракопис, не е помал од триесет и пет илјади; од желбата истите прерано да не му припаднат на неизбежниот заборав – а со тоа да биде и неправедно обесмислен повеќедеценискиот интроспективен напор на една исклучителна личност – се роди идејата за веб-страница. Замислена како сеопфатна дигитална архива, истата содржи и дел од објавените текстови на Сидо, речиси сите негови аматерски филмови (како и неговиот единствен професионален филм, „Образ“), неколку интервјуа и излагања по различни поводи и сосема мал избор од туѓи сведоштва и спомени за неговиот живот и дело – стои запишано на веб-страницата.

Оставината на Сидо (пишана и филмувана) е истражена со исклучителна педантност и интернет-страницата допрва ќе биде збогатувана со објавување визуелни (филмски) материјали и текстови за Сидо од неговите современици: „Илјадниците страници споделени овде не можат да служат како замена за присуството на Сидо. Дури и напротив, за многумина кои го знаеја и имаа можност поредовно да разговараат со него, овие страници веројатно само ќе го направат повпечатливо самото негово отсуство. Но, токму тоа е и една од главните причини поради која се одлучивме да ги споделиме: веруваме, искрено и длабоко, дека светот е сè уште подносливо место за живеење само заради тоа што повремено низ него ќе проскитаат луѓе чие отсуство е ненадоместливо и не признава сурогати“, напишале агилните истражувачи на неговото дело.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 70, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот