Вики Чадиковска: Јавна соба е фина шлаканица која треба да нѐ освести

Гостинка во „Женски печат“/„Слободен печат“, со свој став ни е новинарката Вики Чадиковска, која пишува на актуелната тема Јавна соба – група на мрежата Телеграм, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите.

приватна архива

Секој од нас има индивидуална и колективна одговорност, како парче од системот. Многу настани кај нас, гласно покажуваат дека ова наше општество страда од обезвреднување, морална дисторзија, но и системски решенија кои ќе покажат дека постои институционална одлучност да се стави крај на многу проблеми.

Ситуацијата со Јавна соба е фина шлаканица, која требаше уште лани, ама за жал еве и годинава не нè освести. Не можам да сфатам како луѓето лесно прифаќаат да бидат дел од една катастрофална состојба, а притоа да не пробаат одлучно да придонесат за нејзино менување.

Во ова општество предолго негуваме надежи во погрешни идоли, луѓе без вредности. За жал, тоа нè води кон колективна дисторзија. Не може да се гради вредносен систем без неказнивост. Немање систематичност, немањето одговорност, се само скалила кои нè носат кон состојбата во која сме затекнати. Живееме во време во кое се прави сè и сешто. Секој може да каже сè што му лежи на душа, без притоа да не одговара за последиците од изнесените навреди, дискредитација, уништен нечиј углед…

Демократија не значи дека можеш да ограбиш банка или продавница, а без притоа да не сносиш последици од своето однесување. Демократија не значи да се расфрлаш со вулгарности, дискриминација, говор на омраза, стигми и сексизам во јавниот простор. Демократијата подразбира права и слободи, но едновремено и одговорности. Не може да се залагаме за слободата, а притоа да ги нарушуваме правата и слободите на поединци или групи. Сите мора да сфатиме дека секој наш чин, секој збор, секое делување, претставува рамнотежа на права и обврски, слободи и одговорности.

Јавна соба не смее да има реприза на нерешливост. Јавна соба е причина повеќе, каква порака ќе се упати до јавноста за правда и правичност. Виновниците треба да одговараат, но и да бидат објавени јавно, затоа што овој случај освен правичност има и товар за морален кредибилитет, кој треба да нè засегне сите, поединечно. Сите мора да сфатиме, грешките мора да се коригираат веднаш, пред да биде предоцна. Слободата никако не значи дека сè е дозволено. Слободата е битка за вредности, почит, права и одговорности во секоја ситуација, без исклучок.

Јавна соба не е обичен разговор во група. Јавна соба по една година без разрешница е скандал. Јавна соба е дефиниција за нешто што не треба да биде дозволено, прифатено или разбрано. Јавна соба е порака и до јавноста, но уште повеќе до институциите и системот дека имаме катастрофална грешка. Јавна соба е силен вресок дека итно ни треба писменост по сите аспекти и институционална функционалност. И секако, најважно е да разбереме дека ова нè погодува сите.
Некаде прочитав некој коментар, како се сликала, па не знае дека паметните телефони не се безбедна алатка!?! И така да е, тоа тело има сопственик, тоа се лични податоци и не смее никој да ги користи како порнографска пропаганда. Тажно е колку не разбираме дека денес секој може да украде и злоупотреби нечии лични податоци, но токму тој чин е кривично дело. Мора да научиме да лоцираме вина прецизно, а институциите да смогнат храброст и да реагираат брзо и одлучно.

ЈАВНА СОБА МОРА ДА ИМА БРЗА РАЗРЕШНИЦА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот