Игор Пехчевски / фото: Приватна архива

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Повторно се родив откако го добив лекот „трикафта“, вели Игор Пехчевски од Берово

Се зголемува старосната граница и бројот за пециентите кои го користат лекот „трикафта“. Ќе важи и за деца над 6 години. Во буџетот за оваа година предвидува повеќе пари за пациентите со цистична фиброза., вели тој.

На Меѓународниот ден на ретките болести ви пренесуваме една успешна приказна на пациент кој успеа да го добие лекот „трикафта“, наменет за пациентите со цистична фиброза. Игор Пехчевски од Берово веќе една година го користи револуционерниот лек кој комплетно му го менува животот.

– Како одново да се родив откако ја имам „трикафта“. Овој лек ми го промени животот комплетно. Ми се врати апетитот, функционирам нормално во секојдневието – вели за „Слободен печат“  Игор Пехчевски.

Со надлежните е постигнато посакуваното, достапноста на лекот повеќе не е проблем, а се проширува и возрасната граница за помлади пациенти за овој лек.

– Лекот стигнува месец за месец и постигнато е тоа да биде редовно достапен за нас пациентите во Македонија. Ново е тоа што се поместува границата, односно ќе може да го користат и деца над 6 години, досега беше наменет само за лица над 12 години – рече Пехчевски.

Меѓу пациентите со цистична фиброза има такви на кои не им помага лекот, поради мутацијата, како што вели Пехчевски, и тој се моли за нив поскоро да се најде нов лек кој ќе им го подобри животот.

Нашиот соговорник раскажува дека тие како пациенти треба да јадат мрсна храна, задолжително е месoто, млекото и јајцата во нивните оброци. Нивната терапија се состои од неколку чекори, пред и за време на исхраната консумираат 7-8 капсули од лекот „креон“, заедно со оброкот. Лекот „трикафта“ се користи двапати на ден, по оброкот, а во вечерните часови, пред спиење, денот завршува со таблетата „калидеко“.
Животот пред да го добие лекот за Пехчевски бил многу тежок.

Игор Пехчевски / фото: Приватна архива

– Секое будење, а честопати тоа беше и во ниедно доба, во 3 или 4 наутро, се будев со кашлање, ќе се загушев од сопствениот секрет. Немав апетит, имав околу 52 килограми, животот ми беше страшен. Завршував и во болница. Воопшто не беше лесно да се живее така. Не можев да правам, да планирам ништо – раскажува тој.

Игор Пехчевски / фото: Приватна архива

Тој е страстен љубител на возење велосипед, вљубеник во фотографирањето, но сите овие активности му биле скратени поради тешкотиите што ги предизвикуваат симптомите на оваа болест. Од изминатата година, откако редовно ја зема потребната терапија, Пехчевски живее, како што вели, нормален живот исполнет со своето хоби.

– Денес без никаков проблем можам да го искачам со велосипед патот околу Беровското Езеро – вели Пехчевски.

Игор Пехчевски / фото: Приватна архива

Денес, за 70 пациенти има обезбедено „трикафта“, а околу 150 пациенти во земјава се дијагностицирани со цистична фиброза. Во однос на буџетот за 2025 година, најавено е зголемување на бројот на пациенти кои ќе добијат пристап до животоспасувачката терапија – „трикафта“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот