ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Маријана Лончар-Велкова, Организација на потрошувачи: Да се донесат мерки за заштита на најранливите граѓани од растот на цените
Анализите се важни, но уште поважно е навремено дејствување, ѝ порача на Владата претседателката на ОПМ. Таа препорача и ограничување на трговските маржи. Но, ги посоветува и потрошувачите да не се однесуваат панично, затоа што и така се подгрева растот на цените
Војната во Иран и тензиите на Блискиот Исток што доведоа и до затворање на Ормускиот теснец што предизвика голем раст на цените на нафтата веќе се чувствуваат и на домашниот пазар, каде што поскапувањата постепено го притискаат животниот стандард на граѓаните. Додека институциите сè уште анализираат и најавуваат мерки, потрошувачите се соочуваат со растечки трошоци, несигурност и сè почести пазарни неправилности, предупредува претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова, која бара итна реакција, ограничување на маржите и конкретна заштита за најранливите категории.
Препорачано
– Ние веќе ја повикавме Владата да излезе со пакет мерки. Треба јасно да се дефинира дали и како ќе се користат државните резерви на нафта, но треба да се има предвид дека тие не се неограничени. Ако се потрошат сега, подоцна ќе мора да се набавуваат по повисоки цени, што може да има уште полош ефект. Дополнително, може да се влијае и врз цените на основните прехранбени производи. Имавме искуство со ограничување на трговските маржи. Ваквата мерка, дури и ако трае неколку месеци, создава сигурност кај граѓаните – вели Лончар-Велкова.
Како инструмент што треба да се употреби во моментов, претседателката на Организацијата на потрошувачи ги посочува акцизите и даночната политика.
– Ако не се користат резервите, тогаш може да се размислува за намалување на акцизите. Исто и на ДДВ. Но, граѓаните сакаат јасни рокови и конкретни одлуки. Анализите се важни, но уште поважно е навремено дејствување – вели Лончар-Велкова.
Таа посебно го нагласува значењето на мерки кон ранливите категории на населението, но и кон најмладите.
– Најголем удар трпат ранливите категории – граѓаните со ниски приходи и пензионерите. За нив мора да има таргетирани мерки. Позитивно е што се најавуваат намалувања на цените на одредени лекови, но тоа не е доволно. Треба да се размислува и за субвенции за бебешка храна, пелени и други основни производи за најмалите – вели претседателката, нагласувајќи дека акцијата од страна на Владата како посебен пакет треба да стигне веднаш.
Но, како претседателка на Организацијата на потрошувачи Лончар-Велкова се осврна и на влијанието на потрошувачите врз инфлацијата и предупреди дека секој поединец треба да биде подисциплиниран.
– Станува збор за навистина сложена ситуација. Не постои едноставен одговор. Но, реално гледано, ние како потрошувачи имаме одредено влијание врз сопствениот буџет и начинот на трошење. Потребно е подобро управување со домашните финансии, особено ако се знае дека во Македонија се фрла огромна количина храна. Тоа е првиот проблем – немаме доволно развиени навики за рационално користење и чување на храната. Вториот аспект е рационализацијата на трошоците, особено кога станува збор за енергенсите. Да, мора да се размислува и за начинот на користење на горивата. Да се пешачи повеќе, да се користат алтернативни начини на транспорт – барем додека трае кризата. И да не се создава паника. Видовме какви редици имаше пред бензинските пумпи, а видовме и какви залихи со храна се правеа за време на претходната криза – вели Лончар-Велкова.
Во секоја криза има и злоупотреби, потсетува претседателката. Таа укажа дека е позитивно изненадена од одлуката лани што ја донесе Комисијата за заштита на конкуренцијата за картелското здружување на четири маркети, но посочува дека казните се ниски за профитите што ги остваруваат и дека во крајна линија тие одат во буџетот, но не ги обесштетуваат граѓаните што ги платиле повисоките цени.
– Немаме ефикасен систем за колективни тужби. Тоа значи дека граѓаните тешко можат да ги остварат своите права во случаи на масовна штета. Потребни се законски измени, за тоа долго алармираме. Еве и кај утврденото картелско здружување на осигурителни компании моравме да одиме со индивидуални тужби – посочи Лончар-Велкова.
Бројот на поплаки што стигнуваат во Организацијата на потрошувачи расте. Во 2025 имало 1.978 советувања на потрошувачи од целата држава.
– Најчести се проблемите со неквалитетни производи, доцнење на испораки, особено кај мебел, како и проблеми со телекомуникациски услуги, високи сметки за струја и нестабилно снабдување. Имаме и многубројни реакции за јавниот превоз и туристичките услуги, каде што често се доведува во прашање безбедноста. Поплаки има и за финансиски услуги, за брзи кредити и нефер рекламирање, за онлајн продажба. Потрошувачките права се широка област и бараат координирана работа на институциите – заклучува претседателката на ОПМ.
Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го погоре.


