ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Димитриевска: Македонија лидер во регионот по застапеност на жени на лидерски функции

Татјана Михајловска Димитриевска/фото Слободен Печат/Методиј Здравев

„Вомен он Бордс Адриа“ или „Жени во органи на управување Јадран“ е регионална непрофитна иницијатива, основана со цел да се зголеми родовата разновидност во извршните и неизвршните раководства. Татјана Михајловска Димитриевска е амбасадорка за Македонија. Во утринската емисија на „Слободен печат“ вели дека преку платформата се залагаат за повеќе жени по управни одбори, бизниси и слично.

-Ја промовиравме иницијативата на „Вомен он Бордс Адриа“ на инаугуративниот самит за прашања од областите на животна средина, општество и управување во Западен Балкан, што се одржа во Порто Монтенегро со поддршка од реномирани организации, како што се Еуропеан Вомен он Бордс (Европски жени во органи на управување) и (Жени во процеси на управување), кои имаа значајни улоги во застапувањето за родова рамноправност во раководства на претпријатија и други ентитети. Ќе работиме со деловниот сектор, влади и меѓународни институции за да се промовира и унапреди поголема родова разновидност во управните и надзорните одбори и меѓу највисоките раководители во претпријатијата од јавен интерес во Јадранскиот (Западно-Балканскиот) регион- вели Михајловска Димитриевска .

Таа објаснува дека „Жени во управување“ е непрофитна организација. Функционира за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги Словенија и Хрватска.

-Иницијативата на здружението се темели на усогласеност со Европската директива од 2022 година чија цел е поставување на 40 отсто жени на раководни функции дали во управни или надзорни одбори или 33 отсто на жени на раководни позиции на фирми кои котираат на берза. Целта е да се достигнат овие начела бидејќи Македонија се стреми за што побрз влез во ЕУ- вели таа.

Таа објаснува дека присуството на жените во раководните структури е многу битно бидејќи само хетерогените тимови можат да постигнат подобри резултати.

-Искуствата велат дека кога имаме подеднаква застапеност на двата пола тогаш имаме поголема продуктивност, поголеми финансиски резултати на компаниите, поголема креативност и иновативност. Тоа е поради различни перспективи, идеи и креативност. Според статистиките просекот во ЕУ е 35 отсто на жени во надзорни и управни одбори. Секаде каде има воведено квоти како Франција и Италија процентот е 38 отсто. За нашиот регион Македонија е лидер во регионот со жени во управни и надзорни одбори. Но ова треба да се сфати со резерва бидејќи некои не даваат известувања- вели Михајловска Димитриевска .

Таа вели дека во работењето многу е важна машката  поддршка.

– Стереотипи постојат секаде и во општеството и во семејството. Затоа и постојат вакви организации со јавно говорење да се надмиант истите- вели таа.

Целото интервју погледнете го во продолжение: 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот