ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Деканот на ПМФ Трпески: Успеавме да ја подобриме безбедноста на факултетот

Даворин Трпески - декан на ПМФ/ Фото: "Слободен печат"/Драган Митрески

По нападите на студенти на Природно-математичкиот факултет пред петнаесетина дена од страна на рекетари кои одземаа мобилни телефони и пари, „Слободен печат“ се обрати до деканот на ПМФ, Даворин Трпески. Од него добивме одговор дека се направени суштински промени во распоредот и протоколите кај чуварската служба и ангажирано е приватно обезбедување се со цел да се подобри безбедноста на вработените и на студентите на факултетот.

– Навистина во изминативе години Природно-математичкиот факултет се соочува со проблеми како напади и одземање на мобилни телефони на студенти и тоа се случува по неколку пати во годината. Се случува години наназад и притоа не се преземаа позначајни и посуштински мерки за да се подобри безбедноста на факултетите, на студентите и на вработените на Природно-математичкиот факултет. Сите обиди до сега биле безуспешни, полицијата реагирала само во моментите кога било пријавено и неколку дена потоа, и потоа понатаму продолжуваше по старо-вели Трпески.

Тој објаснува дека оваа година собрале сили суштински да влијаат на проблемот и да го сменат од корен.

Даворин Трпески – декан на ПМФ/ Фото: “Слободен печат”/Драган Митрески

– Видовме дека полицијата не може да го реши проблемот. Од тие причини ПМФ уште минатата година направи нови протоколи на чуварската служба која работи на ПМФ, истата да не седи само во чуварниците, туку и да прави рутински обиколки и тие се доставени до нив од октомври лани. Во меѓувреме направени се неколку измени на тие рутински обиколки и постојано се активни. Исто така со одредени финансии успеавме да ја подобриме безбедноста на факултетот. Тоа се средства со кои студентите партиципираат со школарината којашто ја плаќаат секоја година. Направивме измена на јавните набавки во октомври минатата година и вклучивме приватно обезбедување на долниот дел меѓу зградите каде што најчесто се случуваат нападите – вели деканот.

На тендерот се пријавила само една компанија и истата била ангажирана од први февруари годинава.

– Со тоа значително ќе се зголеми безбедноста. Кога зборувате за ноќните часови треба да се знае дека од октомври преземени се мерки за да се направи промена на распоредот за одржување на наставата на ПМФ. Така што целата настава која била по 17 часот е преместена пред 17 часот. Тоа е наредба од Деканската управа и мора да се придржуваат до тој распоред. Околу темницата морам да кажам дека од октомври веќе не е темница меѓу зградите. Разговарано е со Општина Гази Баба која менаџира со осветлувањето во тој дел. Сега е осветлен и може да се уверите навечер во тоа – вели Трпески.

Што се однесува до претходните управи, на прашањето дали и претходните декани се обидувале да направат вакви промени, Трпески вели дека сигурно и тие пред него се труделе да направат нешто.

– И тие пред мене правеле онолку колку што можеле, но не можам да зборувам за нив. Секој правел колку што имал средства. ПМФ е сиромашен факултет и немаме секогаш средства тоа да го направиме. На факултетот има многу добри студенти кои завршија со многу висок просек – додава тој.

Освен групи на социјални мрежи студентите имаат и студентски парламент кој треба да биде што поактивен и треба да се вклучи во работата на факултетот. Факултетот секогаш ќе излезе во пресрет на студентите, бидејќи сме тука за нив – вели Трпески.

Целото интервју на колешката Агнеса Чаволи погледнете го во продолжение:

ВИДЕОАНКЕТА | Се чувствуваат ли безбедно студентите на ПМФ додека одат на факултет?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот