Се напаѓаат студенти на ПМФ, рекетари најчесто одземаат пари и мобилни телефони

Парк шума Гази Баба/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Студентка на 20-годишна возраст во вторникот била нападната од маж на скалите кои водат до Природно-математичкиот факултет (ПМФ) по што ѝ бил одземен мобилниот телефон. Студентката се обидела да се одбрани, но напаѓачот ѝ ја свиткал раката, напиша нејзината сестра на својот Фејсбук профил.

Како што информираат од МВР, случајот бил пријавен во полиција.

„На 23.01.2024 во 12.30 часот во СВР Скопје, С.М.(20) од Скопје пријавила дека околу 09.15 часот на ул. ‘Архимедова‘ во Скопје, едно лице насилно ѝ го одзело мобилниот телефон и ја турнал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираа од МВР.

Но ова не е ниту прв, ниту единствен случај. Студенти на Природно-математичкиот факултет за „Слободен печат“ велат дека постојано се случуваат вакви напади, а мета најчесто се девојки. Велат дека надлежните ништо не преземаат па мораат сами да се „чуваат“. Кога имаат предавања или вежби, се чекаат на автобуската станица пред Општината Гази Баба за да се соберат повеќемина бидејќи така се чувствуваат побезбедно. После вакви кражби велат дека стои обезбедување, но сепак не повеќе од два-три дена.

Неодамна нивен колега бил ограбен по што му бил одземен мобилниот телефон, кој по некое време бил пронајден од страна на полицијата на една од тезгите на Бит Пазар.

Парк шума Гази Баба/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Студент на Природно-математичкиот факултет за „Слободен печат“ вели дека со страв одат на предавања, а проблемот со рекетарите е нерешлива загатка за надлежните.

– Ние студентите на Природно-математичкиот факултет сме принудени во 21-век со страв да се образуваме. Како да сме некоја јужноамериканска картел држава. Пристапот до ПМФ е многу небезбеден. Нема светло, нема обезбедување, ниту патролира полиција. Проблемот со многу кражби и обиди за силување не е нов, постои многу одамна. Тажно е да кажете дека системот не може да реши еден проблем со години. Се знае дека овој предел е проблематичен и мора да се работи на негово решавање, а не продавање евтина кампања со дводневно применување, вели тој.

Освен на скалите кои водат до факултетот, кражби се случуваат и во подземниот премин за пешаци под булеварот „Александар Македонски“. Половина од локалите кои се наоѓаат таму се затворени, па поради тоа е ретко прометен, а тоа е погодно место за разбојниците, каде најчесто заканувајќи се со нож ги ограбуваат минувачите.

Подземниот премин под булеварот „Александар Македонски“/Слободен печат: Фото Слободан Ѓуриќ

Колку е небезбеден овој дел од градот покажуваат и реакциите на граѓани кои често ја посетуваат парк шумата Гази Баба. Се жалат дека автомобилите со кои доаѓаат до парк шумата често им се обивани, со што се соочуваат со материјална штета. Ваквите кражби најчесто се случуваат во летниот период каде што голем број на спортски екипи тренираат. Во голем број од случаите освен искршено стакло, им се украдени и радијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот