Зоран Бојаровски/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бојаровски за „Слободен печат“: Во изминатите години направени се многу сериозни чекори за унапредување на македонскиот јазик

Главниот и одговорен уредник на порталот Рацин.мк Зоран Бојаровски во интервју за „Слободен печат“ оцени дека Владата во последните години презела сериозни чекори за унапредување на македонскиот јазик

„Речиси од првиот ден од владеењеето, коалицијата предводена од СДСМ направи да речеме многу сериозни чекори напред во однос на афирмирацијата или поттикнувањето, па и на донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик. На пример Владата од 2017 година предводена од Заев, една година подоцна на 5-ти мај 2018 година го прогласи 5. мај за Ден на македонскиот јазик. Ние претходно немавме таков празник, немавме Ден на македонскиот јазик. Тоа е денот кога во Народното собрание 1945 година беше утврдена азбуката, графологијата, а нешто подоцна, во јуни Блаже Конески го напиша Правописот на македонскиот јазик и кога сме кај правописот, речникот и историјата на македонскиот јазик, оваа Влада една година по утврдување на 5ти мај како ден на македонскиот јазик, го дигитализираше Правописот на македонскиот јазик и го стави на интернет да биде достапен за сите граѓани и сега не треба да одите да купувате Правопис или да одите во библиотека туку тој сега е онлјан, достапен за сите граѓани. Подоцна, преку еден процес во кој беше вклучен тим од Владата и тим од Институтот за македонски јазик, пристапија кон дигитализирање на картичките од Толковниот речник на македонскиот јазик и тој стана дигитален и сега имаме Толковен речник на македонски јазик исто така објавен на интернет. Тоа се сериозни пробиви и се разбира во меѓувреме се зголеми продукцијата на книги, научна литература, а за првпат после долги години се вработија нови млади македонисти во Институтот за македонски јазик“ посочи Бојаровски.

Според него Законот за употреба на македонскиот јазик што беше донесен неодамна, ќе придонесе за дополнителна афирмација на македонскиот јазик, ќе го подигне квалитетот во јавните комуникации, но и ќе ги поттикне младите да го изучуваат и да го студираат македонскиот јазик, затоа што во иднина ќе се бараат се повеќе лектори по македонски јазик.

Бојаровски оцени дека обидите за блокада и одолговлекување на овој закон од страна на ВМРО-ДПМНЕ бил крајно непотребен чекор на опозициската партија.

Според него, опозициската партија во своето дејствување прашањата околу идентитетот, вклучително и македонскиот јазик ги смета за сопствен ексклузивитет.

„За жал, опозицијата кај нас, особено ВМРО-ДПМНЕ смета дека тој тип на теми, а тоа се идентитетските прашања, каде е и македонскиот се ексклузивно право само на таа партија. И во такви ситуации ете тие од тие причини или од тоа што не се тие во позиција да одлучуваат каков закон, дали треба закон што тој закон треба да содржи е една од причините што се блокираше и одолговлекуваше целата таа работа. Второ, што македонскиот јазик како лингвистичка појава, кој го говори мнозинствоото од народот беше искористен односно злоупотребен во политичките пресметки на политичката сцена. Благодарение на целиот комплекс од идентитетски прашања, што да речеме ги поттикна соседна Бугарија, а овде во нашиот политички контекст ги прифати ВМРО-ДПМНЕ и оваа партија повикувајќи се на ставовите на БУгарија во однос на македонскиот јазик и идентитет, се обиде да застрашува да заплашува да создава некаква атмосфера на страв дека јазикот ќе исчезне дека е загрозен дека не е признаен континуитетот на јазикот и така натаму и сето тоа заради политички придобивки на моментот“, рече Бојаровски.

Бојаровски додаде дека Закон за употреба на македонскиот јазик беше потребен и дека тој со себе носи доста сериозни придобивки за идната афирмација и уанпредување на македонскиот јазик и дома, но и во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот