ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Азески: Бараме поддршка од идната влада на која ќе одговориме со инвестиции и вработувања

Бранко Азески / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нам ни требаат мерки што ќе го поттикнат растот на извозот, растот на продуктивноста, растот на иновативноста на компаниите за да се постигне нашата цел, раст на бруто-домашниот производ. Но, приватниот сектор нема да бидеме набљудувачи на тој процес, туку ќе се обврзе да возврати, вели Азески

Со новата влада, Стопанската комора на Северна Македонија која е претставник на големите компании, очекува продлабочена соработка и сет мерки за поддршка на стопанството, но не безусловни, туку мерки што ќе овозможат стопанството да му врати на општеството така што ќе се отворат нови работни места, ќе се инвестира, и во крајна линија – ќе се обезбеди раст на бруто-домашниот производ. Ова го обелодени претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, кој гостуваше во утринската програма на „Слободен печат“.

– Нам ни требаат мерки што ќе го поттикнат растот на извозот, растот на продуктивноста, растот на иновативноста на компаниите за да се постигне нашата цел, раст на бруто-домашниот производ. Но, притоа ние како приватен сектор нема да бидеме набљудувачи на тој процес, туку ќе се обврземе за испорачаната поддршка, ние да испорачаме одреден број работни места и одреден износ на инвестиции. Со идниот мандатар договоривме дека секојдневно ќе ги евидентираме и новите вработувања и инвестициите. Значи, ова е процес во кој влегуваме заедно и не може да се случи да се добијат пари за непродуктивни трошења. Очекуваме кредитна поддршка по најповолни услови, фиксна цена на електрична енергија, како и механизам со кој ќе се оневозможи пренамена на капиталните инвестиции – вели Азески.

Тој потсети дека тие како одговорна комора уште пред изборите разговараа со сите политички субјекти, па и со победничката ВМР-ДПМНЕ.

– Разговаравме за тоа вистинскиот глас на приватниот сектор да биде слушнат и да биде испорачан. Затоа ќе имаме наш претставник, кој ќе ги следи процесите токму таму каде што ќе се конципираат законите. Порано имаше работни групи чии сугестии делумно се користеа, а ако не ѝ одговараа на владата, се ставаа на страна. Единствениот национален регистар на прописи, кој како алатка функционира веќе десетина години, ќе биде поделен за правни и за физички лица, што значи дека ќе има поозбилен пристап и ќе има фокус на компаниите. Ќе формираме еден клуб на бизнисмени, без разлика на која партија припаѓаат, која ќе се наметне како лоби група. Како механизам што ни стои на располагање е можноста претседателот на државата да потпише закон што е во интерес на бизнисот. И, нормално, последно се судските инстанции – вели Азески.

Претседателот на Стопанската комора вели дека стопанствениците бараат одговорно трошење на буџетските пари, затоа што компаниите ја полнат државната каса.

– Не боли кога ќе видиме дека се трошат пари што не создаваат никаква додадена вредност. Ние сме изложени кон надвор, а таму беснее конкуренција. Ако дома имаш огромни трошоци што ги пренесуваш надвор кога ќе продаваш, ти не си конкурентен. Ние не бараме од Владата милост, туку мерки што ќе ги поттикнат дејностите што за бизнисот значат инвестирање и отворање нови работни места. Владата треба да насочи дел од своите средства преку капиталните инвестиции, или на други начини и други извори, да ги поттикне овие дејности за да нашата стока, надвор од нашата земја, биде конкурентна, а тоа ќе значи зголемен извоз и зголемени приливи на пари. Тоа, пак, ќе се почувствува и на стандардот на граѓаните и на фирмите. Нашата цел е во наредниот период, во текот на соработката со оваа влада, да се зголеми растот на бруто-домашниот производ од смешните 2 проценти што ги имаме барем на 4 проценти – вели Азески.

Тој вели дека со преговорите за влез во ЕУ ќе дојде на ред и Директивата според која дијалогот е меѓу владата, а не како сега што е со Министерството за труд и социјална политика, од една страна, и социјалните партнери – Организацијата на работодавачи и на Сојузот на синдикати, како репрезентативни претставници.

Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот