ВИДЕО | Знаете ли за несаканите ефекти од „оземпик“ и дека не е за козметичко слабеење?

Колаж на Слободен печат

Инјекциите „оземпик“ кои во земјава се регистрирани само за дијабетичари, ги бараат и луѓе што немаат дијабетес, а кои сакаат холивудски да ослабнат од козметички причини, тврдат ендокринолозите. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, која е задолжена за контрола и регистрација на лековите веќе излезе со предупредување за јавноста дека е важно лековите што се издаваат на рецепт да се употребуваат исклучиво по препорака на лекар и да се набавуваат од овластени, соодветни извори.

„Во таа насока посебно сакаме да укажеме на соодветната употреба на лекот оземпик за кој имаше бранувања во јавноста за неговата злоупотреба за цел на слабеење. Овој лек е одобрен во нашата земја за третман на пациенти со дијабетес тип 2 и смее да се користи само по препорака на лекар“, велат од МАЛМЕД.

Што е „оземпик“ и за што е регистриран во Македонија?

 

Доктор Ивана Младеновска од Клиниката за ендокринологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ вели дека семаглутидот е антидијабетичен лек кој се користи за третирање на пациентите со дијабетес тип 2 и за третман на обезноста. Но, во земјава различни лекови се одобрени за третман на дебелината, а сосема други за дијабетес. Така за третман на пациентите со дијабетес е регистриран и одобрен „оземпик“, во форма на субкутана инјекција еднаш неделно, како и оралната форма „рибелсус“. Додека друг лек, „лираглутид“ или „саксенда“ е лек регистриран и одобрен за третман на пациентите со дебелина. Тој што само сака да намали телесна тежина а нема дијабетес, не смее да зема „оземпик“ затоа што тој лек е наменет за дијабетичари.

– Сметам дека пациентите не се доволно информирани дека станува збор за два различни лека со сличен механизам на дејство и дека лекот не е волшебно стапче за губење на килограмите. Обезноста е ризик фактор за појава на пред-дијабетес, дијабетес, хипертензија, дислипидемија и многу други болести, објаснува за „Слободен печат“ доктор Младеновска.

Оземпик лек

„Семаглутид“ и „лираглутид“ спаѓаат во групата на лекови што со сличен механизам доведуваат до намалување на лачењето на глукагон, го одложуваат гастричното празнење, го зголемуваат чувството на ситост и ја зголемуваат инсулинската сензитивност што води до намалување на телесната тежина и подобрена гликемиска регулација.

– Пациентите имаат информација за лековите, тие што се закажани на термин и доаѓаат во амбуланта прашуваат за „лекот за слабеење”. Но, кога на пациентите ќе им се каже дека лекот за намалување на телесна тежина не е ист со тој за дијабетес, за ризиците и продобивките поинаку рамислуваат. Досега не сум имала пристисок од страна на пациент за препишување на „оземпик“, доколку нема индикација за истиот, истакнува таа.

Како и секоја терапија, има несакани ефекти и од таа поврзана со инјекциите за дијабетес и оние за слабеење

Докторите од Клиниката за ендокринологија велат дека најчестите несакани ефекти од „семаглутид“ и „лираглутид“ се гадење, непријатност, чувство на подуеност, дијареја, а понекогаш и запек. Овие симптоми се избегнуваат со постепено дозирање на лекот до постигнување на оптималната доза за пациентот. Ретките несакани реакции се запишани во упатството за употреба на лекот.

– Не се препорачува кај пациентки кои се бремени. Контраиндикации има доколку пациентот има акутен панкреатитис, кетоацидоза, лична или фамилијарна историја за медуларен карцином на тироидеа. Особена внимателност е неопходна доколку пациентот имал акутен панкреатитис. Доколку пациентот е на антидијабетична терапија со сулфонилуреа, инсулин или кој било друг антидијабетичен лек потребно е приспособување на дозите на претходно наведените терапии со цел да се избегне хипогликемија, вели доктор Младеновска.

Двајца завршиле во болница откако купиле фалсификуван „оземпик“

 

И на Клиниката за ендокринологија и во ГОБ „8 Септември“ се отворени центри за лекување дебелина. Таму пациентите со индекс на телесна маса повисок од 30 се прегледуваат од специјалисти и ендокринолози, им се прават лабораториски и дијагностички иследувања за рана дијагноза и третман на обезноста. Претходно се едуцирани да го променат животниот стил со диета и физичка активност. Ако има потреба, им се препишуваат и инјекции за слабеење кои врз основа на напишаниот специјалистички извештај, пациентите ги земаат од аптеките. Но, овие инјекции не се „оземпик“, објаснува за „Слободен печат“ доктор Хасан Танер, специјалист ендокринолог од ГОБ „8 Септември“.

Во Македонија за обезност единствено дозволен е „лираглутид“ односно „саксенда“. Во светот се користат и други продукти од видот на „семаглутид“ или „оземпик“, но во нашата држава за пациенти кои се само обезни и без дијабетес е дозволен само „лираглутид“. За тие пациенти што имаат и дијабетес и дебелина, дозволен е „оземпик“. Но, ако дојде пациент само со обезност без други коморбидитети, кај нив се препорачува фармаколошка терапија од „лираглутид“ или „саксенда“.

Доктор Танер неодамна во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД пријави случај на фалсификуван „оземпик“. Двајца пациенти завршиле во болница од овие фалсификати, тврди доктор Танер во интервју за „Слободен печат“.

– За жал во последно време и ние забележуваме дека има се повеќе пациенти, претежно млади, кои сакаат да го користат лекот само од естетски или козметички причини. Тоа не е добро и е лошо и за нивното здравје, затоа што има строги критериуми и индикации во кои моменти треба да се вклучи таа терапија. Не може секој човек на своја рака да почне со таа терапија, бидејќи секоја терапија има и позитивни и несакани ефекти. Имавме примери на двајца хоспитализирани пациенти коишто го купиле лекот во Косово „оф лејбл“. На кутијата пишува дека е „оземпик“, но внатре пенкалото не е на „оземпик“, туку е пенкало полно со инсулин. Пациентите не го знаеле тоа, почнале да го користат лекот. При првото боцкање добиле хипогликемија, пад на шеќерот во крвта со симптоми на тресење, губење на свеста, поспаност, срцебиење… После второто боцкање тие симптоми кај пациентот беа многу повеќе изразени. Едниот од нив дојде во Ургентниот центар и откако откривме дека се работи за користење на фалсификуван „оземпик“ којшто го зел без контрола, бевме принудени да го хоспитализираме пациентот поради ниските вредности на гликемија во крвта. Пациентот дојде со шеќер од 1,6 милимоли и беше хоспитализиран. Му се даде совет, му се даде едукација дали треба воопшто да користи таква терапија без да ги проба другите работи како промена во животниот стил и исхраната, физичката активност. Имавме тројца пациенти кои не се дијабетичари, а се обиделе да користат „оземпик“, а од нив двајца имаа потреба од хоспитализација, објаснува доктор Танер.

Центар за менаџирање на дебелината во ГОБ „8 Септември“ / Фото: „Слободен печат“ Драган Митревски

Сите опишани настани кои воделе до хоспитализацијата на овие пациенти биле пријавени официјално од страна на ГОБ „8 Септември“ во МАЛМЕД и во фирмата што ги произведува оригиналите на овие фалсификати – „Ново Нордиск“.

– За жал сме забележале дека „оземпик“ се продава и на розев рецепт, но треба добро да се постават индикациите. „Оземпик“ се препорачува само за дијабетичари, а не само за обезност. Во Македонија „оземпик“ не е регистриран само за третирање на обезност, туку за таква индикација е само лираглутидот. „Оземпик“ сега е дефицитарен во светот, многу тешко се наоѓа. Затоа земаат таблетарна форма односно лекот „рибелсус“, но не на своја рака туку само со индикација од докторот што го води пациентот, додава доктор Танер.

Несаканите ефекти се ретки, но ако се појават се сериозни

 

Ендокринологот е дециден дека несаканите ефекти се ретки, но ако се појават се сериозни. Има ситуации кога е апсолутна контраиндикација да се издаде ваков лек, но има и релативни контраиндикации.

– Апсолутно не смее да се издава овој лек ако некој во семејството има медуларен карцином на тироидната жлезда. Тоа е ретка но сериозна форма на тироиден карцином и за пациентите коишто го имаат, го имале или пак некој од нивното семејство го имал, не смее да се употребува овој лек. Немаме научни докази за луѓе, но имаме експериментални докази направени кај животните посебно кај глувците, дека може да предизвика медуларен тироиден карцином. Но, тоа не е утврдено досега кај луѓето. Тоа е апсолутната контраиндикација, објаснува доктор Танер.

Релативните контраиндикации се за пациентите што имале панкреатитис.

– За нив не се препорачува да го користат. Исто така, треба да се дава многу внимателно и кај оние што имаат бубрежна инсуфициенција, бидејќи знаеме дека еден од најчестите несакани ефекти е повраќањето, губењето на течностите, дијареја, па заради тоа кај пациентите со бубрежна инсуфициенција треба повеќе да се внимава. Тие пациенти кои имаат дијабетична ретинопатија како компликација од дијабетесот на очите, не смее да го користат. Имаме студии што покажуваат дека на оние пациенти што имаат ретинопатија после 2 години користење „оземпик“ истата им е влошена. Треба да внимаваат и пациенти кои имаат камен во жолчката. Кај нив не се препорачува да почнат со оваа терапија пред да се отстрани жолчката. Овие се првичните контраиндикации, објаснува докторот.

 

Дали овие лекови се препишуваат за период од неколку месеци или на долг рок?

 

Специјалистите ендокринолози со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека терапијата со „семаглутид“ или „лираглутид“ пациентите може да ја користат долги години. Меѓутоа, за да се видат позитивните метаболни ефекти, како подобрување на шеќерот, крвниот притисок, липидниот профил и намалување на телесната тежина, потребни се барем шест месеци.

– Не сме имале некој голем или загрижувачки несакан ефект за да бидеме принудени да ја прекинеме терапијата. Пациентите се жалат од гастрични тегоби, тоа е на почетокот, кога се почнува со самата терапија. Гадење, повраќање, надуеност, дијареја, промена на вкусот во устата. Пациентите обично се жалат од такви тегоби. Но овие тегоби исчезнуваат по извесно време, односно по 2-3 недели од користењето на терапијата. За да ги избегнеме овие несакани ефекти почнуваме со најмала доза и постепено се зголемува дозата. Кај „оземпик“ еднаш месечно се зголемува дозата, кај „саксенда“ и „лираглутид“ еднаш неделно. Постепено стигнуваме до најоптималната доза за пациентот. Штом ќе забележиме дека дозата е доволна, нема потреба често да се зголемува кај тој пациент, посочува доктор Танер.

Тој вели дека во целиот свет, а не само во Македонија има „холивудски феномен“ за слабеење со инјекции, но тоа никако не треба да се прави без консултација со лекар.

– Задолжително пациентите да се консултираат со ендокринолог или семеен доктор интернист. Ако не се консултираат, да не почнуваат терапија на своја рака, бидејќи несаканите ефекти, иако се ретки, се сериозни. Ако се појави некој панкреатит, тој може доживотно да прави проблем на самиот пациент. Ако се појави бубрежна инсуфициенција таа кај овие пациенти може да биде животозагрозувачка состојба. Несаканите реакции на кожата исто така може да го загрозат животот кај овие пациенти. Затоа предлагам да се консултираат со нивните доктори и само ако има индикација да се почне со лекот, меѓутоа да има строги критериуми кај кои пациенти, да почнеме, а не на своја рака, апелира доктор Танер.

Агенција за лекови и медицински средства – табла / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

МАЛМЕД против холивудското слабеење

 

Агенцијата за лекови и медицински средства лани летото апелираше до јавноста за внимателно користење на лековите и тоа само по препорака на лекар. Оттаму алармираа дека употребата на лекови по препораки на социјалните мрежи и влијанието на познати личности (инфлуенсери) им се наметнува на граѓаните и е сѐ поприсутна, осебено кај младата популација.

Периодов е актуелна злоупотребата на лекот „оземпик“, кој е регистриран во Македонија и е индициран за третман на возрасни со недоволно контролиран дијабетес мелитус тип 2 како надополнување на исхраната и физичката активност. Употребата на овој лек е холивудски тренд и се набавува како средство за слабеење. Агенцијата за лекови и медицински средства потсетува дека лекот „оземпик“ е регистриран исклучиво за третман на возрасни пациенти со дијабет тип II, кој се издава само на лекарски рецепт. Примената на лекот за слабеење е надвор од одобреното индикациско подрачје, таканаречена „оф-лејбл“ употреба за која лично е одговорен лекарот кој го пропишува и за истото треба да го извести МАЛМЕД.
Агенцијата за лекови истакна дека, како и за секој друг лек, и за „оземпик“ се евидентирани несакани реакции како намалување на нивото на шеќер во крвта, повраќање, пролив, болки во стомакот, запек, мачнина, пореметување на метаболизмот, кои здравствениот работник треба да му ги укаже на пациентот и да му дадее совет како да се справи со нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот