ВИДЕО | Велибор Џаровски-Џаро: Непресушен извор на случки и анегдоти

Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Велибор Џаровски-Џаро е жива легенда на овие простори, кој својот живот го посветил на откривање, промовирање и менаџирање на најголемите балкански ѕвезди.

Неговиот живот е ризница на безброј интересни и неверојатни случки, кои ретко кој може да ги забележи и веродостојно да ги пренесе на хартија во вид на биографска книга посветена на неговиот живот. Тоа единствено ѝ успеа на неговата ќерка, нашата колешка, еминентната новинарка и авторка на оваа книга, Милица Џаровска, која на уникатен и забавен начин ги пренесува авантурите на својот татко во „Живот на коцка“.

Во „Утрински печат“ Џаро и Милица зборуваа за книгата, за процесот на нејзиното пишување и секако не ја пропуштивме можноста во прво лице да слушнеме некои од анегдотите на Џаро.

Милица вели дека било многу тешко да се пренесат приказните на Џаро, особено поради фактот што нема каде да се провери нивната веродостојност.

– „Живот на коцка“ се однесува на целиот негов начин на живот, кој беше секогаш бурен и неизвесен. Јас и на промоцијата на книгата реков дека тој и денес, на 74 години и со нарушено здравје, колку што може се обидува да го живее тој начин на живот. Пишувајќи ги редовите на книгата мислев дека сѐ сум знаела и дека сѐ сум слушнала, но не било така. Имаше и некои приказни што ме изненадија и морав да го препрашувам дали навистина тоа се случило, па тој ќе се навредеше: „Како можеш да ме прашаш дали навистина тоа се случило?“.

Некои приказни ми изгледаа толку неверојатни, преполни со разни ликови. Тоа не биле само пејачи или натпревари, имало некои шоуа со делфини, хипнотизери, некои споредни ликови како техничари, помошници, директори на домови на култура, генерали, мајори, па и политичари од тоа време. Јас немав можност да го проверам сето тоа, единствен извор ми беа неговите зборови, а понекогаш приказните знаеја да бидат и конфузни, па морав сама да одлучам како да ги средам – објасни Милица.

Џаро како и секогаш беше расположен да сподели дел од своите животни приказни, па раскажа една од многуте анегдоти, која се случила за време на концертна турнеја низ Македонија на легендарниот хрватски пејач Мишо Ковач.

– Со Мишо Ковач бевме на турнеја низ Македонија, заедно со нашите пејачки Верица Ристевска и Цветанка Ласкова. Одејќи накај Струга и Охрид, Мишо возеше луксузен автомобил, а одевме по стариот пат. Јас го предупредив дека не е безбедно таму да се вози брзо, бидејќи во тој дел од патот, знаат да истрчаат деца на патот.

Не поминавме 100 метри и Мишо сфати дека сум во право, на патот видовме огромна гужва од луѓе што излегле на улицата, брза помош, пожарна и полициско возило. За кратко дознавме дека еден човек по име Мизо, кој ќе стане еден од главните луѓе во мојата кариера, се фрлил под автобус, затоа што родителите на жената што отпосле му стана сопруга, не ја даваат за него, а тој само сакал да докаже дека ја сака – раскажа Џаро.

Исклучителна во својата професија како новинар, Милица имала можност да интервјуира многу од балканските, но и наши, македонски ѕвезди, за кои вели дека се многу квалитетни и дека со сигурност ги сакаат и почитуваат и надвор од границите на нашата држава.

– Во новото време системот на промоции и популаризација не е како порано. Сега сѐ е на Јутјуб, на социјалните мрежи, а порано беше задоволство да се помачиш, да излезеш од границите на Македонија. Концертите за кои се пишува во книгата се организирани на фиксен телефон, со лепење плакати, со телеграми, а сепак успешно реализирани. Ние имаме фантастични, квалитетни пејачи, ѕвезди што ги знаат и ги сакаат и надвор – заклучи Милица.

Повеќе од разговорот со Џаро и Милица можете да погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот