ВИДЕО: Вардар 1961 триумфираше над Мотор Запорожје во СЕХА лигата

Фото: SEHA LEAGUE

Вардар 1961 им се врати на победите во СЕХА Газпром лигата, вечерва во својот петти натпревар од групата „Б“ го совлада Мотор Запорожје од Украина со 32:27. Така, му се реваншираше за поразот во првиот меѓусебен дуел од 30:23.

„Црвено-црните“ одиграа одлично во првото полувреме, период во кој успеа да стекне солидна предност. Гостинот само на стартот имаше водство, откако Стоилов го отвори резултатот, ривалите вратија со серија од два погодоци, а до четвртата минута гледавме игра гол за гол.

Како одминуваа минутите, Вардар играше подобро, посебно во одбраната, која не е негова најсилна страна сезонава. Постепено ја зголемуваше предноста, која во 18 минута гласеше 10:7. Во период кога имаше можност и да го зголеми водството, голманот на Мотор Запорожје одбрани два зицер удари, како и пенал на Дибиров, овозможувајќи на својот тим да намали на 12:10 во 24 минута. Но, играчите на Алушовски одлично ги одиграа последните минути од првото полувреме. На само три минути пред крајот, гостите од Украина намалија и на 14:12, но следеше серија на Вардар од 4:0 за највисоки 18:12. Последниот гол го постигна тимот на Мотор, па на одмор се замина со резултат 18:13.

Со голот на Чупиќ се отвори вториот дел од натпреварот за „плус шест“, но Мотор влезе во серија од три погодоци и намали на 19:16. Брзо домаќините ги консолидираа своите редови, па со головите на Гаџа и Георгиевски повторно се одлепија на солидни 21:16. Алушовски беше принуден да го бара првиот тајмаут во вториот дел, откако противникот намали на само три гола 25:22 во 43 минута од натпреварот. На 10 минути пред крајот на средбата, Вардар ја врати онаа најголема разлика од шест голови. Најпрво Дибиров откако успеа да одзема топка и успешно да асистира, Георгиевски го погодои празниот гол, додека од контра напад погоди и Гаџа за зголемување на позитивата. На голот беше и Марко Кизиќ кој забележа две одбрани. Нашиот тим немаше проблеми да го задржи водството, на крајот ги освои бодовите.

Гаџа беше најефикасен играч со осум голови, додека Дибиров постигна шест. После два последователни порази, ова за Вардар беше трета победа во рамките од регионалното натпреварување. Во последното коло од групната фаза Вардар 1961 гостува кај српската екипа на Војводина.

На табелата водат Мотор Запорожје, Нексе, Вардар 1961 со по девет бодови, последна е Војводина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот