ВИДЕО | Три години од смртта на Горан Стефановски: Неговото дело треба критички да се проучува

Бошковска и Шелева гости во Утрински брифинг/Фото: Слободен печат

Во саботата се одбележа третата годишнина од заминувањето на најзначајниот современ македонски драмски писател Горан Стефановски. По тој повод објавена е монографија „Горан во Драмски“ за неговите драмски текстови, премиерно поставени во Драмски театар од Александра Бошковска.

– Чест за мене да ја изработам оваа книга. Беше некако логично од Драмски да произлезе некаков белег за творештвото на Горан Стефановски каде што се поставувани неговите дела не само премиероно, туку и призведбено, а некои ги пишувал специјално нарачани за репортоарот на Драмски. Горан има околу 30 драми. Во Драмски имаше 14 премиери, 2 текста се двапати поставувани „Диво месо“ 1979 со Унковски и 2001 со Александар Поповски, потоа и „Тетовирани души“ со Паоло Маџели, вели авторката на монографијата „Горан во Драмски“ Александра Бошковска, драматург во Драмскиот театар во Скопје.

Станува збор за комплексна монографија со 14 поглавја детално посветени на неговите претстави во Драмски, додека за целото творештво на Горан Стефановски, професор, академик, писател на сценарија потребно е дополнителна обработка.

Професорката Елизабета Шелева, во денешното гостување во „Утрински брифинг“ се осврна од културолошки аспект на делото на Горан Стефановски.

– Горан Стефановски е значаен како драмски автопр, есеист, кој не ги заобиколуваше најважните прашања, потеклото и припадноста се провлекуваат во неговите драми, а тоа најинтензивно е претставено во „Диво месо“, драмата од 1978 – поклоништвото, желбата да се биде некој друг, да се биде посличен на Западот отколку на Балканот, рече професор Шелева.

Таа се осврна и на пристапната беседа на Стефановски кон МАНУ од 2004 година насловена „За нашата приказна“.

– Горан Стефановски говореше за идентитетските прашања, а знаеме дека денеска тоа е едно клучно прашање и дури флоскула не само во нашиот културен контекст туку и во секојдневниот јавен дискурс. Горан Стефановски одбиваше на тие дилеми и прашања да одговара механички, еднолично, упростено на идентитетските прашања. Мора да се има во предвид дека Стефановски беше човек на две и повеќе култури, два јазици, две и повеќе книжевности , две и повеќе татковини, 25 години помина во Британија а едно време работеше Шведска, нагласи професор Шелева.

– Тој се обидува да ја постави нашата ситуација нашиот балкански простор и идентитет во еден поширок космополитиски простор, без притоа да ја воспева ниту едната ниту другата страна. Тој поеднакво умееше да биде критичен кон некои од недостатоците или екстремите на балкански културен простор но исто така и да биде критичен кон западната парадигма, особено во неговите последни интервјуа и есеи знае да биде многу жесток критикувајќи ја таа потреба на западот да работи со некои упростени стереотипи за Балканот, да ги редуцира сите негови културни и творечки вредности само на некаква актуелна политичка, економска па и воена криза. Така што Горан Стефановски беше еден достоен претставник не само на Македонија туку и на Балканот во една поширока западна културна матрица, рече Шелева.

Таа смета дека проучувањето на Горан Стефановски не треба да се сведе како проучување на некој монумент од минатото туку да го изнесе на виделина колку може поавтентично она што тој го наведуваше како наш патоказ кон иднината, без некаква еднонасочна, несамбендисана и несамоосудувачка практика на себевидување.

Авторката Бошковска рече дека целта на Монографијата е зачувување на еден тип на уметност којшто е прилично непостоечки.

– Горан Стефановски директно делуваше на историјата и создавањето на македонскиот театар. Неговите автентични драмски текстови создадоа и автентичен театарски израз. Едно е драмски текст, друго е престава. Драмски текст е целосен израз на авторот, а преставата е колективен чин. Горан Стефановски важен не само за македонската драматургија и летуратура туку и ммногу важен за македонската театарската историја и татрологија бидејќи му даде еден правец, основа на создавањето на автентичниот македонски сценски јазик, и актерски и режисерски, нагласи Бошковска во гостувањето на „Утрински брифинг“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот