ВИДЕО | Тетовски егзодус: Цели семејства заминуваат на Запад, училишните клупи сe празнат

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

За само две недели во јануари оваа година од тетовските основни и средни училишта се отпишале 173 ученици. Цели семејства заминуваат во западноевропските земји, училиштата се празнат, во некои рурални средини во една училница има по неколку, а некаде и по еден ученик. Ваква е сликата со години, раскажува Назми Даути раководител на Секторот за јавни дејности при Општина Тетово.

„Во оваа учебна година имаме 991 ученик кои се запишаа во прво одделение. Имаме 50 ученици помалку во основните и 200 ученици помалку во средните училишта за разлика од минатата учебна година. Сето ова се случува поради заминување на наши млади луѓе во странство, не гледаат иднина тука во нашата земја и сите заминуваат. Во учебната година 2022-2023 година за две недели кога траеше зимскиот распуст се исселија 173 ученици, што значи дека сега имаме 8 паралелки помалку во основните и средните училишта“, вели Назми Даути раководител на Сектор на јавни дејности при Општина Тетово.

За егзодусот на населението од тетовско, говорат и сликите и податоците од граничните премини каде се гледа како автобуски агенции и превозници од Тетово преполни со патници одат кон западноевропски, најчесто картата е за еден правец.

Надир Реџепи од Иницијативата за социјални промени, вели дека економската емиграција во Македонија постои 100 години, но сега загрижува фактот што се почесто младите од државата заминуваат и поради други причини.

„Сега тоа се процеси кои не може да се контролираат, ниту политички ниту институционално. Сите се исселуваат без разлика на етничка и верска припадност. Амбиентот во државата не ни е баш како што треба, затоа сите се исселуваат. Има и многу други причини, а сите решението го гледаат надвор оти и економската криза гледано глобално и политичката ситуацијата и корупцијата и многу други неправилсноти во општеството придонесува луѓето да се исселуваат, изјави Надир Реџепи од Иницијативата за социјални промени.

Истражување и анализите на Иницијатива за социјални промени говорат дека Македонија до 2050 година ќе брои 1,5 милиони жители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот