ВИДЕО| Таневски: Порано се трошеа свеќи за помени, сега се поретко се оди на гробишта
„Слободен печат“ во поддршка на старите занаети од Скопската чаршија. Преку интервјуа со занаетчиите ќе се обиде да ги спаси од заборав, да ги запозне младите генерации со традицијата која со векови се одржува во Чаршијата. Можеби прилозите ќе бидат поттик за некој млад човек некој занает да го одбере за своја идна професија и со тоа да ја продолжи традицијата. Со тоа ќе ги спаси дуќаните од трајно затварање.
Препорачано
Зоран Таневски е единствениот свеќар во Старата скопска чаршија. Тој во дуќанот „Нада“ изработува свеќи во различни форми и големини. Изработката на свеќи во нивното семејство е традиција. Дедо му бил сапунџија, до 1945 година се занимавал со производство на сапуни, за после тоа да почне да се занимава со производство на свеќи.

Дуќанот постои веќе 80 години. По дедо му, тако му и мајка му почнале да произведуваат свеќи. Помагал во дуќанот и сфатил дека тоа е неговата идна професија. За неговиот занает вели дека нема иднина, порано на гробишта се одело често, се купувале свеќи, сега се поретко.
Наследник нема, зошто вели дека неговиот занает нема иднина.
– Ова кај мене е од традиција значи, дедо ми го работеше овој занает, мајка ми и татко ми и сега јас. Значи јас сум трета генерација. Занаетот во нашето семејство е од 1945. Прво, дедо ми бил сапунџија, сапун правел, од пред Втората светска војна, па после војната почнал со свеќи да се занимава, и од тогаш постои дуќанот. Од 1945 година е оргиналниот дуќан скоро 80 години- вели Таневски.

Тој објаснува дека уште од кога знае за себе помагал додека работеле дедо му или пак мајка му.
-Јас од мали нозе сум учествувал во тоа, сум помагал колку сум можел , што сум можел. Ова не е хоби, или го сакаш или не го сакаш, или работиш или не работиш. Значи никогаш ова не ни беше секундарна туку примарна дејност, тоа беше за живот, за егзистенција. Имавме интерес од оваа работа. Мојата цела фамилија е овде, така и јас продолжив- вели свеќарот.
Тој вели дека пробал да работи и нешто сосем друго, но свеќарството повеќе го провлекувало.
– После мајка ми јас почнав. Работилницата ми е дома. Порано посложено беше да се прават свеќи, сега има нови машини. Тежок занает е ,се работи со топење на парафин, нафтен дериват. За верските свеќи нема мирис, класични жолти свеќи се, се става боја. Во последно време се прават украсни и ароматизирани свеќи- вели Таневски.

Сега прави и свеќи во различни форми. Идеите за обликот на свеќата се од природата, се црпат и се копираат форми вели Зоран. Освен свеќи продава и ароматизиран темјан, порано продавал само обичен. Го увезува од Света Гора и Грција.
– За темјанот има јагленче, се пали се става темјан и лесно се чади по дома. Наследник немам, син и ќерка имам но тие се во друг бизнис, внуците се мали имам тројца, дали некој ќе го одбере ова не знам. Нашиот занает нема иднина. Можеби уште кратко- вели Таневски.
Порано вели имало повеќе работа, се одело на гробишта често, сега многу ретко. Во неговата работилница може да се купат сите верски алатки, масло за миросување, кандила, се наоѓа се ако сте верник.
Целото интервју на нашата колешка Агнеса Чаволи погледнете го овде:
Во понеделник очекувајте го видеото за најпознатата баклава во Старата скопска чаршија „Ангела Меркел“ и слаткарката Мустафче Достана.


