ВИДЕО: Руската полиција тепа жени на протестот против мобилизацијата во Дагестан, се појавија повици за општ бунт

Фото: Твитер/принтскрин

Десетици луѓе се уапсени на денешните насилни протести кои избувнаа во руската република Дагестан, откако голем број луѓе се собраа во главниот град Махачкала, за да го изразат револтот од наредбата на властите за мобилизација на дел од населението за фронтот во Украина. На социјалните мрежи постојано се појавуваат снимки кои сведочат за жестокоста на судирите меѓу демонстрантите, од кои поголем дел беа жени, и полицијата.

Претходно, беше објавена и снимка на која се гледа како група жени опколуваат и напаѓаат полицаец, кој бега низ толпата.

Протести имаше и во местото Ендиреј, каде локалните жители го блокираа влезот во гратчето и не дозволуваа да бидат одведени 110-те момчиња и мажи кои биле мобилизирани. Полицијата стрелаше во воздух со автоматски пушки за да ги смири гневните демонстранти.

Откако избија протестите, демонстрантите дополнително ги разгневи претседателот на Дагестан, Сергеј Меликов, кој изјави дека наредбата за мобилизација во републиката ќе биде спроведена „стриктно според објавените критериуми од Претседателот“. Рускиот лидер Владимир Путин неделава објави „делумна мобилизација“ на военоспособното население за војната во Украина, а жителите на Дагестан обвинуваат дека најмногу резервисти се мобилизираат во нивната република, во која живее доминантно муслиманско население.

Според локалните медиуми, на денешните протести се уапсени околу 150 луѓе. Демонстрантите обвинија дека во полициската бркотница со демонстрантите учествувале и луѓе во цивилна облека, кои не биле полицајци. Групата „Утро на Дагестан“ на Телеграм објави повик за „лов“ на поддржувачите на мобилизацијата и на „оние кои денеска тепаа жени“, како и повик за општ бунт против централните власти во Москва и нивните сателити во Дагестан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот