ВИДЕО | Продолжува битката меѓу џез-музичарите и вработените во Филхармонија

Фото: Слободен печат

По одлуката на Владата за основање нова национална установа „Оркестар за џез музика“ и планот за нејзино времено сместување во Македонската филхармонија, не стивнуваат реакциите и спротивставените мислења на двете засегнати страни, во врска со вдомувањето на „Џез оркестарот“ во објектот на Филхармонијата.

Не сложувајќи се со ваквата одлука на Владата, 108 вработени во Филхармонија потпишале петиција која освен до медумите, ја испратиле и до министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и до премиерот Димитар Ковачевски, со цел промена на одлуката за времено вселување на „Џез оркестарот“ во просториите на Филхармонија.

Изминатава недела со свој став по ова прашање во јавноста излегоа и членовите на ЗЏМ Биг бенд, кои за „Утрински печат“ изјавија дека се вчудовидени од ставот и реакцијата на нивните колеги од Филхармонија и оти нивните аргументи се неосновани.

Со свој став на прес-конференција излезе раководството и управниот одбор на Филхармонија. Директорката Тина Ивановавели дека ниту таа, ниту вработените во Филхармонија не добиле информација дека новата национална установа ќе биде сместена во нивниот објект. Таа тврди дека договорите, преговорите и состаноците за оваа одлука се одвивале во тајност, а тие информацијата ја добиле преку социјалните мрежи. Иванова додава дека по нивното соопштение и петицијата за промена на одлуката на Владата, биле повикани на состанок кај министерката за култура Костадиновска Стојчевска, која им ветила дека ќе го смени делот во одлуката за сместување на Националниот џез оркестар во објектот на Филхармонијата.

„Како директор на Филхармонијата застанувам зад колективот, зад единствениот став на сите вработени, не само поради солидарноста, туку и поради реалната потреба. Националната Филхармонија да не биде предмет на експерименти непримерни за ниту една Филхармонија во светот. Неприродно е да се прават обиди за создавање услови за едни, на сметка на нарушени услови за други“, изјави Иванова.

Владимир Лазаревски, претседател на Синдикатот на културата на РМ (СКРМ), ја посочи Министерката за култура како генерален виновник за создавање на проблемот и за неговото нерешавање.

„Очекуваме Министерката за култура преку Владата да ја промени одлуката за времено сместување на новиот џез оркестар во просториите на Македонската Филхармонија. Доколку не се случи тоа, по празниците ќе организираме протести, ќе излеземе на улица да свириме и сѐ што е потребно за да ја добиеме оваа битка, која е битка за вистината, уметноста и културата“, изјави Лазаревски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот