ВИДЕО | Д-р Чибишев: Пациентите се трујат, а на роднините докторите од Токсикологија им се виновни, па ги напаѓаат

Точно 1.056 пациенти над 14 годишна возраст минатата година завршиле на Клиниката за Токсикологија како последица на труење. Најголем дел од нив, или 95 проценти биле самоубиствени труења, и тоа најмногу со медикаменти, со средства за чистење и други хемиски супстанци. Ова денеска за „Слободен печат“ го изјави доктор Андон Чибишев од Клиниката за Токсикологија.

Според него, негативниот тренд за самоубиствени дејствија е постојан како и во минатите години, а само мал процент од пациентите се трујат ненамерно. Има и такви кои откако почнаа постојано да чистат плашејќи се од ковид-19 се затруле со отровни средства за чистење, што според доктор Чибишев е причина повеќе да се внимава и средствата за чистење да се чуваат исклучиво во оригиналната амбалажа за да не настане забуна.

– Над 95 проценти од труењата на Клиниката за токсикологија се намерни односно самоубиствени. Има голема зачестеност на труења, најмногу со медикаменти, со средства за чистење и други хемиски супстанци. Се случуваат и ненамерни труења, но тие се поретки. Само околу 5 проценти се ненамерни труења, и тоа најмногу кај деца, кои ги згрижува Клиниката за детски болести, објаснува доктор Чибишев.

Тој вели дека благодарение на подготвеноста на медицинскиот персонал, успеваат да се спасат дел од пациентите, но за жал често докторите не се во можност да ги спасат пациентите кои имале големи количини на отровни супстанци.

– Во научните европски кругови Клиниката за токсикологија важи за една од најспремните клиники која третира акутни труења. Благодарение на посветеноста и подготвеноста на екипите голем процент од затруените успеваат и да се спасат. Но, за жал не можеме да ги спасиме сите, со жалење констатира докторот.

Тоа пак доведува до агресија кај нивните блиски, што ја прави Клиниката за Токсикологија една од најчесто напаѓаните клиники. Медицинскиот персонал работи во постојан страв од нов напад, за што во повеќе наврати било барано 24 часовно обезбедување, но до денеска тоа не е овозможено.

– Ние сме секојдневно под голем притисок на пациенти, многу пациенти од цела држава секојдневно доаѓаат на Клиниката за токсикологија. Често пати придружниците на пациентите знаат да бидат насилни и нетрпеливи, со желба нивниот близок да биде веднаш прегледан. Настануваат непријатни ситуации кои предизвикуваат инциденти. Ние во неколку наврати како стручен колегиум баравме да ни се обезбеди 24 часовно обезбедување кое ќе ги заштити вработените од немили настани. До денес немаме добиено обезбедување иако во моментов имаме обезбедување од АРМ, сепак тоа не е доволно. Неопходно е постојано обезбедување на дежурните екипи на Токсикологија, алармира доктор Чибишев.

Инаку, условите за работа во Клиниката за Токсикологија се приспособени за работа во време на пандемија. Сите пациенти кои имаат проблеми од интерна медицина прво одат на Токсикологија, откако ќе биде истретиран се одлучува дали ќе се лекува таму клиника или во сродните клиники.

– Клиниката за Токсикологија е и триажен ковид центар.Кај нас доаѓаат суспектни пациенти за евентуална ковид инфекција. По прегледот истите се препраќаат во Ковид центрите, каде што се одлучува каква медицинска помош им е потребна, вели доктор Чибишев. 

Тој нагласува дека изминатите празници поминале без поголем наплив на пациенти.

– За време на Новогодишните и Божиќните празници очекувавме поголем наплив на пациенти, и бевме подговени за прием на пациентите, но за среќа за време на празниците на Токсикологија беше мирно, дежурните екипи се соочуваа само со вообичаена патологија, рече Андон Чибишев.

Целиот разговор проследете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот