Александар Саша Димитријевиќ Фото: СДСМ

ВИДЕО | Нова „бомба“ на СДСМ: „Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски“

„Српското сценарио се потврдува во Македонија и преку зделките со Алта Банка,“ обвини денеска Александар Саша Димитријевиќ, член на ЦО СДСМ, во нова од најавениот серијал „бомби“ на опозициската партија со наводи за корупција во актуелната власт.

Димитријевиќ посочи дека преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“ од страна на српската „Алта Банка“ е реализирано веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, за „банкарот на Вучиќ да стане банкар и на Мицкоски“. Целиот случај, според СДСМ, укажува на „сериозно политичко-финансиско влијание“.

Димитријевиќ, раскажувајќи го во детали она што го имаат објавено повеќе српски медиуми, рече дека сопственикот на „Алта Банка“, Давор Мацура, во Србија стекнал огромни државни бизниси, иако до вчера бил сопственик на мала менувачница, наведувајќи дека „токму тој модел на сомнителни зделки е препознатлив за власта на СНС и Александар Вучиќ“.

Тој потсети дека Европската централна банка му го суспендирала на Мацура правото да купи удел во „Адико банка“ поради сомневања за потеклото на капиталот, како и дека постои долга истрага за „Алта пеј“ поради сомнежи за перење пари.

„Ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари. Еве го српското сценарио на кое предупредуваме!“, рече Димитријевиќ.

Тој оцени дека ова преземање е нераскинливо поврзано со финансиско-политичката мрежа на владејачките структури со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, со што се создава ризик за трансфер на сомнителен капитал и влијанија од Србија во Македонија.

„Бараме Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање. Македонија не смее да стане финансиска платформа за туѓи политички агенди, повика Димитријевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот