ВИДЕО | Мицкоски: Громогласниот молк на тивкото мнозинство на изборите ќе се трансформира во огромен народен тресок

Христијан Мицкоски
Мицкоски обвини дека власта ги искористила и вакцините за профит, како и дека модуларните болници „се кибрит, поради кој животот го загубија 14 луѓе" / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Како и за сé во животот и оваа тажна епизода ќе заврши. Громогласниот молк на тивкото мнозинство на изборите ќе се трансформира во огромен народен тресок. Народот кој молчеше, трпеше, гледаше, меѓутоа судеше и чекаше шанса, а таа шанса е недела, 17 октомври, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг на коалицијата предводена од оваа партија во Берово.

Тој оцени дека претстојните локални избори се од суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата.

– Вашиот глас на овие избори е порака до тие кои што ја водат земјава 52 месеци. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени? Доколку во овие последни денови од кампањата се соочите со нивните методи, оставете ги да мислат дека им верувате. Доколку во деновите до изборниот ден ви даваат секакви ветувања или сакаат да ве поткупат, насмевнете се и одминете ги. Нивните постапки за политичка битка не се нашите постапки. Нивната насилност и притисок не се дел од нашата кампања. Нивниот политички поткуп и лаги, не се нашите особини. Нивното заврши. Крајот се гледа, истакна Мицкоски.

Тој ја обвини власта за масовен поткуп на граѓаните, кој, според него, се должи на сознанието дека „СДСМ ќе ги изгуби изборите”.

– Се нудат стотици евра за еден единствен глас, тоа што во Битола во игра се црни вреќи, во Велес се лицитира со бројки денес видовме слично е и во Прилеп, тоа што Заев ќе делел државна помош на одбрани фирми од буџетот на народот, тоа се потези на очајник кој се дави во сопствената кал, рече Мицкоски.

Според него, државава се соочува со нова енергетска криза, а недомаќинското работење на РКЕ ќе се плати од џебот на граѓаните.

– Денес на врата ни топа една нова криза, енергетска криза. Тие се навртеа, па на тендер од 50 милиони евра за увоз на јаглен од Косово. И тука никој не го поставува прашањето зошто да плаќаме за увоз, кога РЕК има ископ на јаглен. Одговорот е дека на РЕК се потсетуваат тогаш кога ќе треба некоја од струмички компании блиски до Заеви да земат тендер, а не и кога ќе треба да се копа јаглен. Таквата штета од недомаќинското работење на РЕК Битола ќе се плати од вашите пари, џебот на граѓаните, исто како што граѓаните ќе ја платат и штета за патиштата која ќе се случи поради увезениот јаглен, потенцира тој.

Мицкоски обвини дека власта ги искористила и вакцините за профит, како и дека модуларните болници „се кибрит, поради кој животот го загубија 14 луѓе”.

– Тие од власта гледаат да профитираат и на туѓата несреќа. Додека народот пати, додека народот живее крпен живот, тие пак не престануваат да крадат, заклучи Мицкоски.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот