ВИДЕО | Лиценци за стоматолози кај Азир Алиу, а не во Комора!
Стоматолозите кои денеска влегуваа во просториите на Стоматолошката комора да ги обноват лиценците за работа беа препраќани во Министерството за здравство откако министерот Азир Алиу ѝ го одзеде на Комората правото да ги издава и обновува лиценците како што правеше од 2006 до денес.
Препорачано
Стоматолошките лиценци се обновуваат секои 7 години, а за да се обноват потребно е стоматологот да оди на обуки и семинари. Секој сертификат од посетените едукации носи определен број поени. Од денеска Стоматолошката комора престанува да држи едукации преку здруженијата и да ги бодува сертификатите. Целиот процес на издавање и обновување на лиценците го презема Министерството за здравство кое не соопшти никакви упатства како ќе го прави тоа. Сепак, регистарот на стоматолози ќе продолжи да го води Комората.
Претседателот на комората доктор Маријан Денковски, на прес-конференција го демантираше министерот Алиу. Рече дека уште во април Комората постапила согласно насоките од министерот за здравство и ги поправила неправилностите констатирани од Уставниот суд.
-Ќе направиме разговор со претходните претседатели професор доктор Владо Ванковски, претседател од 2006 до 2010 и професор доктор Владимир Поповски претседател 2014-2018 за да го слушнеме и нивното мислење, зашто по она што го знаеме засега, се работи за некои „незаконски“ постапки на Комората уште од 2016 година па дури и порано односно 2006 година. Исто така ќе се направи средба и со Лекарската комора зашто ако кај нас во стоматологијата, таканаречена „незаконска“ едукација вршеле околу 15-ина како што беа наречени нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора во системот на континуирана медицинска едукација учествуваат над 80 такви здруженија меѓу кои доминираат членките на Македонското лекарско друштво, рече Денковски.
Инаку министерот Алиу во саботата на прес-конференција тврдеше дека Комората држела незаконски семинари преку „нерегистрирани здруженија“ и со сертификатите од истите на стоматолозите им биле продолжувани лиценците.
Денковски вели дека министерот Алиу ја донел одлуката да ѝ го одзеде на Комората овластувањето без да ги има сите факти пред себе, не до крај информиран, односно базирано на селективни докази. За него оваа одлука е неправилна.
Сите во Комората сме подготвени на сите последици доколку имаме згрешено, но исто така доколку се потврди дека Комората нема финансиски или други криминали, сосема реално е да бараме и да очекуваме јавно извинување до целокупната јавност и целокупното членство на Комората, зашто таа постои и се состои од нејзините членови, докторите на стоматологија, рече Денковски.
Откако Алиу рече дека „нерегистрирани здруженија“ вршеле едукации на стоматолозите, Денковски покажа фактури од 2007 и 2008 година каде се гледа дека тие истите здруженија кои инаку биле во состав на Македонското стоматолошко друштво на ист начин држеле едукации и кога со комората раководеле други претседатели.
-Јас сум основач на едно од тие здруженија во 2007 година но во 2017 година дадов оставка. Стопати е проверувано тоа здружение и од антикорупциска. Јас сум проверуван од финансиска полиција, околу приходите. Имаше претставка дека Комората давала пари на тоа здружение, па тоа здружение мене ме исплаќало и демек имало перење пари. Постојат документи, дека Комората нема дадено ни денар не само кон тоа туку кон ниедно здружение затоа што на Комората не ѝ е работа да дава на здруженијата туку да зема од здруженијата рече Денковски.
На масата во просториите на комората имаше топови испечатена хартија за кои Денковски рече дека се сите изводи од сметката на Комората за последните 5 години – документи што министерот Азир Алиу прво му ги побарал па после не ги зел.
-Финансиска полиција 6 месеци ги чешла и моите банкарски сметки и оние на Комората. Ги гледаат и моите приходи, моите договори за дело, бараат се од 2018 година. А сега се појавија во друг правец. Да имаше финансиска полиција нешто, јас немаше да бидам тука. Сега доаѓаат и бараат документи што се однесуваат на едукацијата. Многу е чудно финансиска полиција да бара документи за сертификати, договори со здруженија. Но беше чудно и УЈП да ни седи 2 месеци овде бидејќи не сме ДДВ обврзник, рече Денковски.
Тој има уште 3 години од мандатот за претседател на Комората на стоматолози.
Од Министерството за здравство велат дека одлуката ја донеле врз основа на факти, аргументи и инклузивност во процесот на сите релевантни чинители.
-Одлуката е резултат на подолготрајна и сеопфатна анализа од повеќе стручни лица. На овој процес претходеше времена мерка од Уставниот суд а потоа конечна одлука од судот со која се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија, а дополнително и покрај времената мерка комората продолжила со континуираната едукација. Министерството за здравство за оваа цел формираше 2 комисии и во двата случаи се констатирани неправилности на коие укажано со законски рок за отстранување но не е постапено во законскиот рок, велат од Министерството за здравство во писмено соопштение.
Оттаму потенцираат дека по извршениот надзор на првата комисија формирана во 2024 година, воопшто не било постапено по препораките односно „не е точно дека комисиите немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето на Комората“.
-А втората комисија веќе дава јасни насоки до Министерството за здравство за утврдени неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат. Врз основа на утврдената фактичка состојба по разгледување на извештаите и доставената документација како и одлуката од Уставен суд од 15.05.2024 година министерот одлучи времено да ги преземе надлежностите за лиценцирање, се додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално, велат од Министерството за здравство.


