ВИДЕО l Израел во Газа уништи зграда во која се канцелариите на „Ал-Џезира“, „Асошиејтед Прес“ и „Франс Прес“

Израел во воздушен напад уништи зграда во која се сместени канцелариите на катарската телевизија „Ал-Џезира“, како и на светските новински агенции „Асошиејтед Прес“ и „Франс Прес“.

Нападот бил најавен и на медиумските работници им бил даден еден час да ја евакуираат зградата.

Израелски борбени авиони повторно ја нападнаа Газа рано утрово, а Хамас возврати со лансирање ракети кон Израел, додека американските и арапските дипломати се обидуваат да најдат начини да го запрат насилството.

Најмалку 136 лица се убиени во израелскитe напади од понеделникот, меѓу кои и 34 деца и 21 жена, а 950 се повредени, соопштија палестинските медицински служби. Денеска, во најсмртоносниот поединечен напад, откако избија судирите, загинале две жени и осум деца, пренесува агенцијата АП, а од урнатините е спасено само петмесечно бебе.

Меѓу осумте загинати, колку што досега потврдија во Израел, освен војниците кои загинаа на границата со Газа, има и шест цивили, меѓу кои и две деца, објавија израелските власти.

Тел Авив потврди дека од понеделник до денес од Газа биле лансирани околу 2.300 ракети и дека околу 1.000 биле пресретнати од против-воздушната одбрана, а 380 паднале на палестинска територија. Израелската војска во возвратни напади, врши гранатирање на појасот Газа.

Судирите меѓу Израел и Палестинците се разгореа по немирите во џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим, каде што во изминатите неколку дена беа повредени стотици луѓе.

Судирите меѓу Палестинците и израелските полицајци избувнаа откако израелскиот суд донесе одлука за иселување неколку палестински семејства од градската населба Шеик Џара и предавање на имотот на еврејски доселеници, велејќи дека тие го поседувале пред 1948 година.

Палестинците денес треба да го одбележат Денот Накба (катастрофа), кога се сеќаваат на 700.000 луѓе кои избегале или биле протерани од своите домови во денешен Израел, за време на војната во 1948 година, после која беше создадена еврејската држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот