Стефан Богоев / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ: Полесно е да се соберат 80 пратеници за уставни промени отколку 61 за нови избори

Многу пореално е да се случат уставни измени отколку да има предвремени избори. Веројатноста да се соберат 80 пратеници за уставни промени е поголема отколку да има 61 пратеник за распуштање на Парламентот и предвремени избори. Ова меѓудругото го истакна потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во интервју за емисијата „Утрински печат“ каде тој во студиото дискутираше и за тоа колку е возможно да има општествено обединување околу европската идеја и членството на Македонија во ЕУ, за корупцијата, правосудството но и економксите потешкотии на граѓаните.

– Неспоредливо поголема е веројатноста да има 80 пратеници за уставни измени, отколку да има 61 пратеник за распуштање на Парламентот и предвремени избори. Тоа е логично, затоа што од една страна фалат пратеници кои треба да се одважат и да го препознаат историскиот момент за државата, да гласаат и со тоа дополнително да го забрзаат евроинтегративниот пат и да останат запишани како луѓе кои направиле нешто добро на надворешно политички план. А од друга страна го имаме Мицкоски кој вели дека пратеници од власта ќе гласаат за распуштање на Собранието. Тоа не е логично, затоа што овој пратенички состав има уште една и пол година мандат – порача Богоев.

Богоев истакна дека реториката на Христијан Мицкоски кој со години се фали дека само што не направил ново парламентарно мнозинство е единствено за внатрепартиска употреба бидејќи тој е исплашен за својата фотелја во Белиот дворец

Потпретседателот на СДСМ одговарајќи на прашање истакна дека еднаквост има меѓу политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а не СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според него СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се различни по многу работи.

– Државата никогаш не била меѓународно поизолирана од мандатот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кога Христијан Мицкоски беше генерален секретар на партијата и државата никогаш не била поинтегрирана на меѓународен план од тоа што е сега. Сега сме полноправна членка на НАТО и преговараме за членство во ЕУ. Сега имате ситуација кога имате кривична одговорност за функционери на власта, што претходно било незамисливо – посочи Богоев.

Богоев истакна дека во функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица е истата матрица и најверојатно истиот нарачател, матрица чиј интерес е државата да биде изолирана.

„Мицкоски и Апасиев сакаат да го вратат она време кое 11 години го живеевме, односно да станете од сабајле, да имате чувство на лажна гордост, а стомакот да ви биде празен. Да не разговарате со никој од соседите и да мислите дека сите соседи сите развиени земји треба да трчаат кај вас, дека вие сте многу поголеми од нив. Тоа го правеше Груевски, сега гледаме дека Мицкоски и Апасиев сакаат да се врати тоа време, така што знакот на равенство би го ставил тука“ порача Богоев.

Во однос на тоа дали шведското претседавање со ЕУ би можело да донесе нешто за Македонија и што тоа конкретно би било, Богоев истакна дека Унијата веќе го исполни нејзиниот дел во однос на евроинтегративниот пат и сега, се зависи од нас односно дали ќе ги спроведеме уставните измени или не.

– Колку ние побрзо ќе си ја завршиме домашната задача толку побрзо ќе напредуваме. Тука зборувам за уставните измени кои што треба да завршат паралелно со скрининг процесот, да ги отвориме понатаму поглавјата и колку ќе бидеме ефикасни во поглавјата тоа ќе зависи повторно од нас колку брзо ќе ги имплементираме реформите во земјава – вели Богоев.

Потпретседателот на СДСМ коментирајќи ги последните случаеви во правосудството со случаите со Мијалков и Даравелски вели дека мора да има одговорност за работата на дел од судиите.

– Судиите очигледно си ја злоупотребуваат својата независност и сметаат дека не само што треба да се независни од политиката и од политичките влијанија и од извршната власт туку тие делуваат независно и од законот. Дојдено е време конечно, корумпираните судии да се соочат со законот. Додека тоа не се случи да не веруваме дека ќе имаме подобрување на состојбите во судството – истакна Богоев.

Потпретседателот на СДСМ во разговорот во емисијата зборуваше и за економските политики на оваа влада за годината што почна. Зборуваше и за пакет економски мерки кои владата планира да ги превземе во однос на парична помош за граѓаните и најзагрозените категории на луѓе но и тој ја оцени работата на локалната власт по речиси една година од локалните избори во земјава.

Повеќе од разговорот со Стефан Богоев погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот