ВИДЕО | Интервју со Влатко Стефановски: Кога ќе стивне сè – останува музиката
„Музиката поврзува луѓе. На големите концерти, какви што држат ‘Ролинг стоунс’ или ‘Колдплеј’, сите луѓе се едно. Дишат со една енергија, живеат со една енергија. Веруваат во љубов, разбирање и толеранција. Затоа и постојат концертите, за луѓето да се почувствуваат како дел од нешто поголемо. Како дел од некоја заедница што вибрира во ист ритам и во иста идеја“, смета Стефановски.
Во ова издание на „Слободно со Агнеса“ разговорот не се случи во студио, туку на клупа. На обична клупа, по дожд, кога воздухот мириса на свежо, а сонцето полека се враќа меѓу лисјата. Непосредно пред неговиот концерт во Македонската филхармонија, што ќе се одржи утре со почеток од 20 часот, имав ретка чест да седнам со човекот што не само што ја испишува, туку и ја оживува нашата музичка историја. Тоа не е кој било. Тоа е Влатко Стефановски – најдобриот гитарист што некогаш сме го имале, светски музичар од Македонија, кој со гитарата зборува на јазикот на душата.
Препорачано
Тој не е само гитарист, тој е гласот на емоцијата и мајстор што од секој тон прави приказна. Со него не зборувавме „по правило“. Зборувавме како што доаѓа… слободно, искрено, со доза хумор и носталгија. Овој разговор е таков. Топол, ненаметлив, а длабок.
Влатко Стефановски е човек што запознал многу луѓе и настапил на многу сцени, но вели дека, кога ќе стивне сè, му останува задоволството од добро сработената работа.
„Во изминативе седум-осум години, јас сум научен да функционирам сам. Откако, за жал, ја изгубив сопругата пред осум години, јас живеам сам. Имам голем круг пријатели, но научив да бидам како волк-самотник“, вели тој.
Загубата ја носи тивко, но не ја крие. Музиката му е начин за преточување на болката, иако вели дека не знае точно како се случува тој процес.
„Не можам да го знам процесот на сублимирање емоции и размислувања во некое конкретно дело. Тоа е нејасен процес и подобро да не анализираме како се канализираат емоциите од душата до некој музички проект – песна, текст, концерт и сл. Тоа е мистично и не можеме да го знаеме докрај. Но, велат дека најголемата уметност излегува од болката“, објасни музичарот.

Во текот на разговорот го допревме и егото, тема што често го следи секој уметник.
„Тоа е чувствителна тема. Егото не можеш да го уништиш. Егото помага во секојдневниот живот, да функционираш. На пример: ‘Добар ден, јас сум тој и тој, дали може да ве замолам за таа и таа работа’. Но, во уметноста или во музиката, егото многу често знае да одмогне. Ако се сфатиш себеси многу сериозно, велејќи видете ме колку сум голем, тогаш настануваат проблеми. На влезот од своето студио, Квинси Џонс има напишано: ‘Ве молам, оставете го вашето его пред да влезете во студиото’. На крајот, за да бидеш препотентен, треба да си и малку глупав“, вели Влатко.
И покрај долгогодишната кариера, тој не престанува да ѝ се восхитува на музиката и на нејзината моќ да поврзува луѓе.
„Музиката поврзува луѓе. На големите концерти, какви што држат ‘Ролинг стоунс’ или ‘Колдплеј’, сите луѓе се едно. Дишат со една енергија, живеат со една енергија. Веруваат во љубов, разбирање и толеранција. Затоа и постојат концертите, за луѓето да се почувствуваат како дел од нешто поголемо. Како дел од некоја заедница што вибрира во ист ритам и во иста идеја. Добро е чувството кога добиваш овации и благодарен сум на својата публика. Публиката секогаш заслушува повеќе од она што го очекува од концертот“, смета гитаристот.

Иако има изградено име, Влатко и ден-денес сонува нови сцени и нови предизвици.
„Постојано има нешто што сакаш да го постигнеш. Моите копнежи се прилично амбициозни. Би сакал да свирам во Ројал Алберт хол во Лондон или во Олимпија во Париз. На сите мои соработници и менаџери им го кажувам тоа: ‘Ако си фраер, направи ми концерт таму’. Знам дека звучи како невозможна мисија, но тие места ми се интересни за да свирам таму“, вели тој.
Истовремено со настапите, нашиот музички виртуоз работи и на нов албум, кој наскоро треба да го објави.
„Пред крај сум со новиот албум. Инструменталните нумери се готови, ми остануваат уште текстовите. Еден напишав, треба уште четири. Тој албум ќе биде многу интересен и ќе се вика ‘Мускулна меморија’ (Muscle Memory). Тој израз многу често се користи и во спорт и во музика, кога мускулите сами знаат кога да дадат кош или што да свират, без да се вклучи рациото. Ме интересираат тие креативни и творечки процеси“, сподели Влатко.
А кога ќе се спомнат гитари, тука неговата љубов е очигледна.
„Имам доволно гитари за еден балкански гитарист. Имам голема колекција и затоа ми е срам да кажам колку гитари имам. Можеби е нескромна бројка, но и многу подароци добивам во форма на гитара“, вели тој.


