ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Методи Хаџи Јанев: И двете страни имаат про и контра аргументи за рушењето на браната во Украина, вистината тешко ќе се дознае

Методи Хаџи Јанев - професор - Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Дека ќе има дезинформации и лаги околу причината зошто се сруши браната Каховка во Украина и кои ќе бидат последиците од самата катастрофа е повеќе од јасно. Меѓутоа од се она што првично може да се види е дека и двете страни имаат и про и контра причини за минирање на браната. Руската логика се води по наративот дека тоа е предизвикано поради фактот дека тие посакувале тоа да го сторат се со цел да се спречи украинската контраофанзива, но и во исто време да создадат услови за сопствен маневар или опфат за спречување на т.н. шпиц на нападот кој што сега е силен од страна на Украинците северно од Бахмут. Од друга страна пак, објаснувањето на украинската страна кое би било логично зошто дојде до рушење на браната на реката Днипро е тоа дека тие посакуваат да создадат поголем притисок на меѓународната заедница врз Русија и да го насочат вниманието на светската јавност дека Москва навистина е терористичка држава бидејќи гаѓа цивилни инфраструктури – истакна универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев при денешното гостување во емисијата „Утрински печат“.

– Каскадните ефекти од повредата на критичната инфраструктура на браната во Украина се длабоки а опасностите и предвидувањата во овој момент од неа се големи и според мене одат од крајност во крајност. Од тоа дека можеби е возможно покрај хуманитарната да се предизвика и нуклеарна катастрофа до тоа дека динамиката на истекувањето на водата во овој момент нема да предизвика катастрофални ефекти во регионот за населението. Едно е јасно дека вистината околу кој тоа го причинил во услови на војна тешко ќе дознаеме, да не речам невозможно е да се дознае – посочува Хаџи Јанев и додава дека ваквите напади или активности на завојувани две страни имаат цел да извршат изненадување кај противникот.

Професорот Хаџи Јанев во разговорот во студиото се осврна и на последните дипломатски средби на косовските и српските лидери со американските и европските високи челници насочени за смирување на состојбите во северно Косово.

– Можам да кажам дека меѓународниот фактор им даде премногу право и на српскиот претседател Александар Вучиќ и на косовскиот премиер Албин Курти за спроведување на нивните политики. Па затоа сега дипломатите се во улога на пожарникари кои ги гасат последиците од нивните политички не промислени маневри. Тоа се случува особено на Балканот кај овдешните лидери кога го губат тлото и релноста со нивните политики, кога мислат дека се семоќни и дека нивниот опонент е слаб. Тоа исото така беше и случај во минатото кога имаше и воени конфликти и страдања во регионот каде подоцна на на сцена доагаше онаа позната западна булдожер дипломатија за решавање на проблемите. Убеден сум дека истото ќе биде случај и сега – вели Хаџи Јанев и објаснува дека почетната позиција на едните и другите се повеќе ќе се губи и менува колку подолго ќе се одовлекува решението на проблемот наметнато од Западот.

Професорот Хаџи Јанев говореше и за предупредувањата за нов мигрантски бран во Европа и на балканската рута како и за предизвиците и стравувањата на безбедносните структури од регионот за евентуален нов бран на бегалци.

Повеќе од разговорот со професорот Хаџи Јанев можете да го погледнете во видеото во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот