ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Лилјана Поповска: Урбанистите се многу „креативни“ кога го изигруваат законот и го уништуваат урбаното зеленило

Љиљана Поповска / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Измените на Законот за урбано зеленило кои по широки консултации и дебати ги направија еколошките невладини организации стигнаа до пратениците, но како понатаму ќе тече процедурата и нивното усвојување, не зависи повеќе од екологистите кои застанаа во одбрана на зеленилото кое постојано неповратно исчезнува на сметка на забрзаната бетонизација, претежно во Скопје.

Генерално, постои уверување вака скроените измени со кои се обезбедува усогласување на измените во Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за прекршоци, како и усогласување со урбанистичките планови, ќе го спречат уништувањето на градското зеленило преку урбаната експанзија и непочитувањето на законите.

-Законот содржи ускладувања со некои закони кои беа донесени подоцна. Во 2018 година е донесен законот за урбано зеленило, а една година подоцна беше донесен нов Закон за прекршоци кадешто трикратно се зголемени казните кога се работи за прекршување на животната средина и здравјето на граѓаните и ние тоа го внесовме за да бидат сериозни казните и за поедници и за институции, вели Лилјана Поповска од здружението на граѓани Зелен институт во гостувањето во „Слободен печат“.

Таа наведе дека усогласување е направено и во однос на Законот за урбанистичко планирање и новиот правилник од 2020 година кој е клучен за урбанистичкото планирање и од каде се преземени термините.

-Урбаното зеленило терминолошки се губеше во процесот на урбанистичко планирање. Како некој да не сакал да најде начин како да ги преведе едните термини во другите па не го сторил тоа иако можело да се направи. Усогласување има и во однос на законот за градење кадешто практично не се почитуваат два члена од законот за урбано зеленило. Фактички не може да се издаде дозвола за градење на локација кадешто соодветно не е застапен процент на урбано зеленило, вели Поповска.

Иако законите се на сила неколку години, на теренот состојбата не е по словото на законот, се сечат дрвјата, се узурпира зелената површина, а инвеститорите не го надоместуваат уништеното зеленило.

-Состојбата на теренот е катастрофална. Законот буквално не се почитува, секоја чест на исклучоци и се изигрува. Просто е неверојатна „креативноста“ на некои урбанисти коишто си црткаа и си наоѓаат начини како да прикажат како да има 20 посто зеленило на градежна парцела, а всушност го нема. Дури и во ГУП-от има четврт каде стои нула проценти зеленило, што е незамисливо или нула стои и во некои ДУП-ови. Други изигрувања – се поднесува еден план кадешто има соодветни проценти зеленило, но потоа кога се добиваат градежни дозволи, во следните фази ги снемува, вели Поповска.

„Креативните“ урбанисти како зеленило ги сметаат и жардињерите кои ги ставаат како „компензација“ за урбано зеленило откако ќе направат чистка на сите дрвја и тревници на една парцела.

– Или уште една многу интересна и „креативна работа“. Урбанисти во општините си дозволувале да одобрат дека се исполнети 20 проценти зеленило што е услов од постоечкиот закон, на парцели каде што го сметале како зеленило некое на покривче ставено зеленило, на верикални фасади, во жардињеричка и слично. А во законот стои „само онаму кадешто е целосно изградена површината на парцелата, стари згради итн“, каде не може да се урне зградата за да насадиш зеленило таму се бара да се направи компензација за намалување на штетите од бетонизација, но не можеш ти на празна парцела, да ја заградиш 100 посто, да поставиш жардињерички пред влезот и да го броиш тоа. Јас велам уште  саксиите домашни да ни ги бројат и тие во 20 посто зеленило, нагласува Поповска која е долгогодишен еко активист и поборник за примена на високи светски стандарди во заштитата на животната средина.

Измените во Законот за урбано зеленило предвидува сериозни казни за секое непочитување на законските одредби.

-Има казни и за првите лица во институциите коишто тотално не го почутуваат законот и во меѓувреме немаат донесено ниту еден од стратешките и планските документи за урбано зеленило ниту пак зелен катастар кој е клучен за урбанистичко планирање и треба да се поклопи со геодетската основа којашто стои во катастарот. Некои форми на зелен катастар имаат само Скопје, Велес и Кавадарци. Воведовме и некои стандарди кои во светот се применуваат веќе со години. Порано и според СЗО беше препорака 25 метри квадратни јавно зеленило по жител на ниво на град сега внесуваме и 50 метри квадратни по жител вкупно зеленило сметајќи го и јавното и зеленилото во дворовите на јавните и на приватните објекти што е возможно затоа што и во правилникот за урбанистичко планирање како и зголемување од 20 на 30 посто зеленило на градежна парцела за да биде потешко за изигрување, за да се избориме да се почитува тоа да има повеќе зеленило за здраво живеење на луѓето во градовите, рече Поповска.

Таа потсети дека со сегашниот и со новиот закон никој нема право да сече дрва и во сопствен двор, туку намерата за таква интервенција мора да ја пријави до Градот Скопје, до општина и да се пријави, со што пак се зголемува транспарентноста на целиот процес и луѓето можат навреме да реагираат, да видат дека се е по процедура па кога ќе помине рок на жалби, дури тогаш евентуално да постапат доколку е тоа оправдано.

Она што недостасува на теренот во однос на урбанизмот и еколошките проблеми се инспектори кои навреме би ги спречиле сите бесправни дејства, потенцира Поповска.

-Фалат инспектори од сите области во Македонија и уште повеќе фали координација помеѓу инспекторите на различни нивоа. Се изигрува некаде од незнаење, некаде од слаба координација, слабо раководење со инстуцијата, незнаење како тоа да се направи, а многу често и многу свесно, и тука да не заборавиме, секако ја има и корупцијата за којашто не потсетуваат. Секако тука исто така лежат многу, многу игри коишто се незаконски, вели Поповска зборувајќи и во контекст на последниот еколошки инцидент во Скопје, од пред еден месец кога во селото Орман, во двор на приватно лице осамнаа 500-600 тони опасен отпад донесен од фабрика од Пробиштип, кој се уште не е дислоциран и е опасност за граѓаните, почвата, водата и воздухот.

Целиот разговор со Лилјана Поповска од Зелен Институт погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот