ВИДЕО: Играјте за Пандев, за Македонија, со срце на терен против холандските „лалиња“!
Македонската А репрезентација денеска од 18.00 часот на „Јохан Кројф“ Арената во Амстердам против Холандија ќе го игра третиот натпревар од групата „Ц“ и воопшто последен на Европското првенство.
Ќе биде посебен меч за капитенот Горан Пандев кој најави дека против „лалињата“ за последен пат ќе го носи репрезентативниот дрес.
Сите посакуваме „Гранде Пандев“ со поволен резултат да ја заврши репрезентативната кариера, а се надеваме дека и со убав епилог ќе биде крунисан и 25 роденден на Дарко Велковски.
Ги загубивме шансите за осминафинале по првите две кола, а играчите на Франк Де Бур се веќе во нокаут-фазата.
Холанѓаните пред своите навивачи ќе ја имаат фаворитската улога, но фудбалерите на Игор Ангеловски ќе се обидат да имаат достојна одјава од Евро 2020.
Во истиот термин од 18.00 часот ќе играат Украина и Австрија во Букурешт. На Украинците и бод им завршува работа, а Австријците мора да победат доколку сакаат да бидат осминафиналисти.
Во некои комбинации Австрија во случај на освојување на бодови би имале поголеми шанси да се најде во следната фаза и тоа како една од четири најдобротретопласирани селекции.
ВИДЕО: Пандев двапати ја тресеше холандската мрежа, нека биде така и во Амстердам!