Пандевијата заврши, Горан може мирно да заспие!

Фудбалскиот великан, веројатно најголемиот во македонскиот фудбал, Горан Пандев, може мирно да заспие по остварениот животен сон! Без „волтарен“!

На арената именувана по великанот на светскиот фудбал – Јохан Крајф, се спушти завесата во кариерата на уште еден фудбалски великан, веројатно најголемиот во македонскиот фудбал – Горан Пандев. Онака спонтано, како што отсекогаш му доликувало на струмичанецот – без помпа, и тоа во лулката на „тоталниот“ фудбал и на огништето на славниот Ајакс. „Ова за мене е последниот натпревар во дресот на Македонија!“, е реченицата од прес-конференцијата на далечина што ќе остане во архивата на колективното паметење по толку многу настани за архивирање од ризницата на Гранде Мачедоне!

Претходната негова изјава, дадена пред „Евро 2020“, што ја најави оваа храбра одлука звучеше отприлика вака: „По секој тренинг морам да пијам волтарен (лек против болки – н.з.) за да заспијам“. Уште тогаш знаев дека е тоа неговата последна, без оглед на притисокот на соиграчите и јавноста да остане. Зашто постои и еден друг вид притисок, што тој си го носи во себе секој ден и само тој знае колку притиска.

Но, самиот избра да биде под тој притисок кога селекторот Игор Ангеловски пред речиси шест години му порача: „играч како тебе заслужува да се прости на едно големо натпреварување“. Во тие зборови требаше да поверува, пред сè, самиот Пандев, зашто слични убедувања на негова адреса веројатно доаѓале и претходно, од различни личности и со секакви мотиви, кога голгетерот во репрезентацијата веќе беше кренал раце од националниот дрес. Требаше да се освои пол-позицијата за остварување на тој сон преку верба во себе и во своите можности, и покрај бремето на времето, преку вербата во селекторот и соиграчите и во секое меѓусебно бодрење на теренот, во секој постигнат гол по неговите додавања, со секоја групна прегратка со помладите пред натпреварите.

Сам го напиша сценариото за величественото заминување од сцената

Круната на кариерата – пласманот на „Евро 2020“ – беше китена токму со неговите скапоцени камења – блескавите голови, иако без помошта на своите помлади колеги тешко ќе се оствареше ветувањето што им го даде на неговите три деца – Филипо, Ана и Софија – дека ќе игра на Европско првенство. Токму нежниот допир од левата нога на Пандев, по што топката ја погали мрежата на Грузија во Тбилиси во решавачкиот дуел за пласман на ЕП, потврди дека тој самиот е решен да го напише сценариото за своето величествено заминување од сцената.

Феноменот што ќе го наречам „Пандевија“ трае две децении, колку што е долг професионалниот стаж на Пандев како фудбалер. Феномен со кој нè зарази со фудбалот, со неговите потези и голови, со неговата величина од скромност.

На залезот на минатиот милениум, генерацијата на Беласица во италијанскиот „камп за продажба на таленти“ Вијареџо ја однесе харизматичниот претседател на клубот, Ванчо Таковски (сега покоен). Тогаш голобрадиот, 18-годишен Пандев, мораше да го замени дотогашниот фудбалски учител Илија Матеничаров со славниот Франко Барези и потпиша за Интер. Стави потпис на пријавата за италијанското првенство, а одјавата се случи изминатата сезона со признанието „маркатори дела Серие А деи тути темпи кон ченто гол е пју“ (најдобри стрелци на сите времиња во Серијата А со 100 гола и повеќе). Со неговите 101 гол во дресовите на Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова е единствен е од поранешните ју-простори со вакво достигнување досега, а само четири активни играчи во калчото се пред него, во моментов поефикасни. Ќе треба многу простор да се набројат сите негови титули и голови што се паметат, сите потези кои воодушевуваат. Редок е и по тоа што освои пет италијански купа со три различни екипи. Сепак, врв на кариерата му се титулите европски и светски клупски првак со Интер во 2010 година и, секако, грандиозната завршница со настапот на 16. Европско првенство како капитен на Македонија.

Римскиот, но и македонски легионер

Пандев беше квалитет што трае на еден од најпробирливите фудбалски пазари – италијанскиот. Да дадеш 101 гол во земјата на „катеначото“ треба навистина да знаеш. Земјата во којашто почна да тренира со Бразилецот Роналдо во 2001, а кариерата ја завршува во друштво на Португалецот Роналду во 2021. Дури и на ова првенство, во друштво на Модриќ, Левандовски, Бускетс, Крос и други ветерани е вметнат меѓу „центурионите“, односни римските легионери, како што ги нарекува УЕФА фудбалерите со најмногу настапи за репрезентацијата што учествуваат на „Евро 2020“. Во моментот кога рече дека е доста, и под инјекции, истрча речиси 20 км на првите две средби на „Евро 2020“ (само Елмас беше пред него со 21,1 км). Тоа трчање не беше безглаво – против Австрија постигна гол, а против Украина изнуди пенал. Уште еден момент што ќе остане во вечноста од феноменот „Пандевија“.

Ќе ги споменеме таквите возвишени моменти од „Пандевијата“ само од минатата есен до денес: 36. гол во 114. настап за Македонија што ни донесе национална катарза и идентификација барем како фудбалски победници во регионот на патот кон Европа, по сите доживеани политички порази на тој трнлив пат. Пред „Евро 2020“, во историската победа против Германијa во Дуизбург, патот кон триумфот почна токму од Пандев и неговиот 37. гол постигнат со маичката со сонце, а последниот од богатата кариера на Пандев беше историскиот прв гол против Австрија, на историското, прво европско првенство за Македонија, односно негов вкупно 38-ми. Колку што ќе наполни години на 27 јули! Којзнае, можеби и вечер ќе постигне уште два против Холандија за да заокружи на 40. Со него никогаш не се знае кога ќе ја затресе мрежата. Тоа најдобро го чувствуваат неговите чувари од одбраната.

Пандевијата заврши, Горан може да здивне! Може мирно да спие по остварениот животен сон. Без „волтарен“!

 

Видео на денот