ВИДЕО| Го спасивме ОБСЕ од пропаст без компромис за принципите, тврди Османи

Завршна прес-конференција / Фото Слободен печат

ОБСЕ е безбедно, организацијата и нејзината функционалност се спасени, за луѓето. Малта е следен претседавач со Организацијата, а продолжен е и мандатот на генералниот секретар и на шефовите на трите институции во рамки на ОБСЕ. Буџетот на Организацијата не е донесен поради руската блокада, што останува голем проблем.

Ова беа клучните прашања за кои се дискутираше на 30. Министерски состанок на ОБСЕ, што во изминатите три дена се одржа во Скопје, а кои денеска беа истакнати на завршната прес-конференција на која присуствуваа актуелниот претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид и идниот претседавач на Организацијата, Иан Борг.

– Ова е најголемиот политички настан на наша територија и овој состанок се случи во вонредно време, кога сме сведоци на постојани напади, на војна против Украина и човечкото страдања. На многу начини историјата се повторува. Предизвиците се и денес и утре. Овде на Балканот се двоумиме да ги наречеме работите историски, но овој Министерски совет веќе е наречен историски. Руската агресија врз Украина ја доведе во прашање европската безбедносна архитектура, но исто така го доведе во прашање постоењето на самата Организација, затоа овој совет е револуционерен, рече Османи.

Во однос на буџетот, Османи најави дека по министерскиот совет ќе се направи уште еден обид и тој ја повика Русија да дозволи консензус, бидејќи без донесен буџет „страдаат“ теренските мисии на ОБСЕ, вклучително и таа во Македонија.

– Ние ја спасивме организацијата и нејзината функционалност, за луѓето. Сите членки се согласија за изборот на Малта за следен претседавач и за продолжување на мандатите на генералниот секретар и на трите институции во рамки на Организацијата, изјави актуелниот претседавач на ОБСЕ.

Тој ѝ честиташе на Малта изразувајќи благодарност за преземање на оваа мисија во тешки времиња, како и за посветената работа на генералната секретарка и високите претставници за национална малцинства и за слобода на медиуми и на шефот на Канцеларијата на ОДИХР, посакувајќи им успешно да ја продолжат работата.

– Ова е најголемиот политички настан на наше територија и овој состанок се случи во вонредно време, кога сме сведоци на постојани напади, на војна против Украина и човечкото страдања. На многу начини историјата се повторува. Предизвиците се и денес и утре. Овде на Балканот се двоумиме да ги наречеме работите историски, но овој Министерски совет веќе е наречен историски. Руската агресија врз Украина ја доведе во прашање европската безбедносна архитектура, но исто така го доведе во прашање постоењето на самата Организација, затоа овој совет е револуционерен, рече Османи.

На новинарско прашање дали имало „пазарење“ со Русија во постигнувањето на договорите на Министерскиот состанок, Османи рече дека компромисот е во сржта на Организацијата и изрази задоволство, што во ваква тешка година се донесени одлуки со едногласност, при тоа подвлекувајќи дека нема пазарења со вредностите на Организацијата.

– Без да бидам нескромен со умешна дипломатија, до пред неколку дена консензусот беше невозможна мисија, погледнете ги текстовите на новинските агенции што говореа дека на ОБСЕ му се гледа крајот, дека нема шанси САД и Русија да постигнат консензус за едно прашање – истакна Османи.

Тој додаде дека потценувањето на Македонија треба да престане и да се врати довербата во државните институции кои денеска успеаја да ја спасат најкомплицираната организација од пропаст.

Новиот претседавач со ОБСЕ, Борг во обраќањето на завршната прес-конференција порача дека ќе се фокусираат на ставање крај на војните и конфликтите и додаде дека руската агресија врз Украина мора да запре.

Борг истакна дека едногласноста на сите 57 земји кои му ја укажаа довербата за нов претседавач, е доказ, како што рече, на нашата заедничка заложба да продолжиме да ја зајакнуваме организацијата и да осигураме дека покрај сите предизвици со кои се соочуваме, организацијата ќе продолжи да работи.

– Како што го почнуваме нашето заедничко патување, ќе се посветиме на исполнување на нашите должности и одговорности во времето што претстои, рече тој.

Борг очекува да работи, како што рече, рака под рака заедно со сите партнери и кажа дека ќе се обврзе да работи кон поттикнување на зајакнување на мултилатеризмот.

На завршната прес-конференција се обрати и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид. Таа посочи дека одлуките кои беа донесени од земјите-членки во Скопје ќе овозможат успешно продолжување на работата на Организацијата – овозможување стабилност, сигурност, човекови права и фундаменталната слобода на луѓето.

– Јас ќе ја сработам својата задача како генерална секретарка исто како и моите колеги од останатите три институции, бидејќи ова не е за нас, туку за луѓето. Ние сме тука да ја пренесеме целта на Организацијата. ОБСЕ денес е успешна организација. Предизвик е во моменталните услови да се најде заеднички јазик за секоја тема, но нашата Организација се темели на принципи и вредности речиси 50 години, рече Шмид.

Како што посочи, целта на Организацијата не е само да се адресираат моменталните предизвици, туку да се повикаат сите учесници на одговорност. Ова, потенцира Шмид, го потврди и претседавачот Бујар Османи изминативе два дена.

Таа додаде дека сите 57 земји членки одлучија да ја изберат Малта за иден претседавач, и токму ова ќе го овозможи континуитетот кој ни е потребен да се задржи Организацијата.

– Јас како генерална секретарка на ОБСЕ ја поддржувам одлуката за идниот претседавач, додаде Шмид.

Таа се осврна и на мотото кое беше избрано оваа година – „За луѓето“ и посочи дека истото е многу соодветно и одговара на работата која ја извршува ОБСЕ.

– Се она што го работиме, дали е тоа работата во однос на спречување на корупција и организираниот криминал, мониторирање на изборите или зголемување на безбедноста, нешто што неуморно го работиме и ги адресираме овие проблеми до граѓаните, ние исто така се залагаме за безбедноста на жените новинарки, се залагаме за основните човекови права, и сето тоа е само за една цел, а тоа е поддршка на луѓето – и на мажите и на жените, посочи Шмид.

Таа потенцираше дека Малта игра важна улога во задржување на мирот и безбедноста и верува дека ќе ги примени истите вештини во нејзиното лидерство како претседавач следната година.

– Со нетрпение очекувам да работам со вас и вашиот тим и вие може да сметате на нас, рече Шмид

Македонија беше домаќин на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот