ВИДЕО: Дигиталната писменост е на многу ниско ниво, македонските граѓани под европскиот просек

Влијанието од ковид кризата и последиците од руско-украинската војна, многу силно се одразија на нашата економија, која ни е кревка и истоштена, поради што мораме да бараме нови начини за пласман на производите. Дигиталната економија е нова и недоволно истражена област кај нас, исто како што е недоразвиено женското претпримеништво. Затоа и ја организиравме конференцијата на тема  „Од марш за работнички права до дигитална економија“, под покровителство на првата дама г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, рече денеска во Утрински брифинг, Неда Малеска Сачмароска извршна директорка на Центарот за Управување со промени – ЦУП.

– Од неактивните баратели на работа, 64 проценти се жени. Затоа сакавме да ги поттикнеме жените да се вклучат во  пазарот на трудот, при тоа да се искористат можностите што ги нуди оваа дигитална економија, бидејќи ако не го направиме тоа, ќе заостанеме со новите трендови кои се случуваат во светот и околу нас. Очекуваме и државата да помогне во зајакнување на дигиталните вештини кај жените, вели Сачмаровска.

Таа нагласува дека населението во Македонија многу заостанува во дигиталната писменост.

– На ниво на дигитална писменост на севкупното население според статистиките на Евростат, Македонија бележи ниско ниво на писменост, со околу 32 проценти на дигитално  писмено население, од кои најмногу се млади. За разлика од кај нас, просекот на Европската Унија е околу 60 проценти, додека во Велика Британија 78 проценти од населението е дигитално писмено, објаснува Сачмаровска.

Бараат да се формира гарантен фонд за жените, заради нивна економска независност.

– Само 13 проценти од жените поседуваат сопствен имот поради што не можат да го вложат капиталот за да отворат бизнис, затоа бараме отворање на гарантен фонд во кој што преку олеснителни околности жените ќе имаат пристап до финансиски фондови. Од друга страна се смета дека женските бизниси се први на удар во време на криза затоа што станува збор за мали или средни бизниси, објаснува Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центарот за Управување со промени – ЦУП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот