ВИДЕО: „Даниел“ ги фрла автомобилите во морето, возачи заглавени на патиштата – катастрофални последици од невремето во Грција

Поплави по невремето во Грција/Фото: Скриншот

Бурата Даниел и натаму беснее во Грција, а поплавите предизвикаа огромни штети во Волос и Пелион, а еден сточар е извлечен мртов по обилните поројни дождови од синоќа. Се трага и по уште еден маж кого го однеле надојдените води.

Во Волос сообраќајот е запрен на обиколницата со возила заглавени на висината на Пантесаликос и противпожарната бригада се обидува да ги ослободи возачите. Проблеми има и во болницата во Волос бидејќи водата навлегла во машинската сала.

Надојдената вода на брегот на Краусидона предизвика расцепување на земјата при што пропадна цел автобус кој бил паркиран до тротоарот.

Во видеото погледнете го моментот кога автобусот тоне и речиси исчезна во водата.

Карактеристично за ситуацијата е видеото кое на Фејсбук го објави градоначалникот на Волос, Ахилеас Беос, кој излезе од градското собрание и им се обрати со викање на сите возачи кои ги сретна на поплавените улици во Волос.

-„Каде одат сите тие? Лудо е тоа што се случува. Сме кажале 100 пати. Апелирам до народот да не се движи наоколу. Од вчера возилата не смеат да излезат надвор. Каде одите луѓе, каде одите? Погледнете каде е водата. Не слушаш, каде одиш сите? Од вчера ви кажуваме, ќе надојдат реките, знаете ли која вода доаѓа? Одете во своите домови“, им викаше тој на возачите кои ги сретна на улиците во Волос.

Како што јави АПЕ – МПЕ, повикувајќи се на информации од Противпожарната служба, 42-годишен маж се обидел со својот автомобил да премине преку поток во областа Агиа Екатерини Волос, ја отворил вратата и бил однесен. Според Противпожарната служба, во автомобилот бил и неговиот син, кој е во добра здравствена состојба.

Поради поплавите и надојдената вода забрана за сообраќај е воведена во Пелион и на Скијатос.

Во приморското село Агиос Јоанис, во Пелион нивото на вода е толку високо што дури и автомобилите кои биле паркирани на централниот паркинг во околината се однесени во морето.

Како што информира потпретседателот на Сојузот на хотелиери Магнезија, Василис Карауланис, во објава на Фејсбук, областа е без струја и телефон, додека нивото на водата надмина 1,5 метар во куќите и хотелите.

„Во Агиос Јоанис Пелион има сериозен проблем, реките се излеани од коритата и водата навлезе во хотелите и расте нивото на водата во нив. Веќе достигна над 1,5 метар, а хотелите се преполни со туристи. Има огромни штети, прекинати се телефонските врски и струјата. Ве молиме веднаш да ја известите противпожарната бригада дека состојбата е катастрофална, напиша тој.

Невремето „Даниел“ ги зафати областите во Грција од понеделникот попладне, а невремето веќе создава значителни проблеми. Врнежите, всушност, ќе станат поинтензивни во следните часови денеска а се очекува и град, грмотевици, силен ветер во Егејското Море и забележителен пад на температурата.

И префектурата Атика се очекува во следните неколку часа да ја зафати невремето „Даниел“

Истовремено, според ЕМИ, во Атика ќе има локални врнежи и невреме, на моменти засилени, додека ветерот ќе дува дува од источен и североисточен правец со јачина од 3 до 5 бофори. Температурата ќе се движи од 20 до 27 Целзиусови степени. Невремето проследено со обилни дождови и град, голема фреквенција на грмотевици ќе продолжи во Тесалија, Споради, централна и источна Стереја, северна Евија и источен и јужен Пелопонез.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот