ВИДЕО | д-р Стојанов: Непослушноста на граѓаните ќе биде причина за воведување на построги мерки

Д-р Александар Стојанов, Фото: Архива

Цело време за изминативе осум месеци откако започна да се шири вирусот ковид-19 имаме непријатности и проблеми затоа што објективно не може да се постигне со работа, а како последица на тоа доцнат и решенијата за самоизолација, рече денеска во Утрински брифинг директорот за јавно здравје, Александар Стојанов.

– Минатата недела добивме помош од студенти при анкетирањето на позитивните на коронавирус. Во анкетирањето се вклучени и други профили доктори кои анкетираат, но сепак бројката од 400 позитивни е многу голема. Тие луѓе треба да ги дадат и контактите. Ако еден позитивенен има од пет до десет контакти, тоа значи секојдневно треба да се анкетираат од 2.000 до 4.000 граѓани. Тоа е невозможно да се постигне. Затоа доцнат и решенијата за самоизолација, а поради тоа реагираат луѓето. Но, важно е да се каже дека сакаат да се однесуваат како да е се нормално, а кога ќе дојде ваков проблем жестоко реагираат, вели д-р. Стојанов.

Тој нагласува дека и покрај сите апели и објаснувања колку е важно да се најдат сите кои контактирале со заразени од коронавирус, се уште се соочуваат со проблемот на криење на контактите.

– Имаме голем проблем да ги детектираме контактите на заразените, но проблем исто така е и тоа што и тие што се детектирани, повторно не седат во самоизолација. Луѓето ни ги приредуваат сите можни сценарија кои ни ја отежнуваат работата. Не можат полицајци да седат пред секоја куќа, немаме толкави човечки ресурси. Проблем и тоа што лабораториите не можат да постигнат да ги направат сите тестирања, и да отвориме нови лаборатории, нема толку персонал што ќе може да работи. Се разболуваат и лекарите, и техничарите, и медицинските сестри, тоа се ни ја комплицира работата, вели д-р Стојанов.

Според него 5 до 6 проценти од медицинскиот персонал е позитивен на Ковид 19.

– Кај нас во Центарот за јавно здравје ситуацијата е под контрола, нема толкав број на заразени колку што очекувавме, луѓето веќе знаат да се заштитат. Но, без разлика на персоналот. Тој персонал има фамилии кои се разболуваат, а вирусот се шири. Меѓутоа да не ги заборавиме и сите други болести кои ги напаѓа населението, настинки, пневмонии, тука имаме и млади колешки кои се бремени, се тоа ја комплицира сликата, објаснува д-р Стојанов.

Што се однесува на одлуката угостителските објекти да работат со скратено работно време, тој вели тоа е со цел да се намали ширењето на пандемијата.

– Сите мерки кои до сега ги носевме беа со идеја да се намали број на новозаразени, но гледаме дека не се намалува. Тоа значи дека или мерките не се доволни или луѓето не ги почитуваат доволно. Се уште се прават веридби, свадби и крштевки, факт е дека тие ни го зголемија бројот. Ние бевме за посторги мерки, Комисијата предложи сите економски оператори да не работат од 21 до 5 часот, тука спаѓаат и пицерии, фурни, а не само кафулињата, но одлуката ја донесе Владата. Треба да помине некое време за да видиме дали има ефект од овие мерки, а ако нема мерките ќе бидат построги, предупредува директорот на ЦЈЗ.

Во моментов во Македонија останаа само околу 1.000 слободни болнички кревети.

Проследете го целиот разговор со д-р Стојанов во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот