ВИДЕО | Цветковска од ИРЛ: Заедно со граѓаните апсолутно можеме да создадеме притисок врз институциите

Фото: Скриншот, Јутјуб

Документарната емисија „Нечиста крв“ на „Истражувачка репортерска лабораторија“, која спроведе истражување за работењето на клиничката болница „Жан Митрев“ и д-р Жан Митрев, ја разбранува македонската јавност.

Сашка Цветковска, една од новинарите кои го истражуваа овој случај, вечерва гостуваше во емисијата „Десет минути“ на телевизија 21 и сподели дека има над стотина пријави, пратени само од граѓани од Македонија и Косово кои пак споделиле исти, идентични и слични искуства.

„Иако најголем дел од пријавите се однесуваат на оваа клиника, морам да напоменам дека пристигнуваат пријави и за други приватни, како и државни клиники“, сподели новинарката.

Таа вели дека нивната работа како новинари е да ги наоружаат институциите со информации кои ќе им помогнат ефикасно да гонат криминал и корупција.

„Граѓаните се чувствуваат толку немоќни, довербата е толку загубена што разбирам дека очекувањата се дека ние таа правда ќе можеме самите да ја изнесеме, но ние тоа не го можеме сами. Заедно со граѓаните апсолутно можеме да создадеме притисок врз институциите“, вели Цветковска.

Новинарката вели дека истражувањето започнало пред повеќе од 22 месеци, односно пред пандемијата, со пријави за малверзации за Фондот за граѓани кои што користеле државно спонзорирани операции во клиниката „Жан Митрев“.

„Се соочивме со страшен молк од тогашното раководство од Фондот за здравство, од Министерството за здравство. Тоа траеше долго, потоа почна пандемијата и тогаш почнаа да пристигаат разни пријави“, рече таа.

Цветковска вели дека иако „Истражувачка репортерска лабораторија“ открила многу стории, сепак никој ништо не направил.

„Чести се обвинувањата зошто за овој не пишувате, а зошто за тој, овие стории беа меѓународни, имаше реакции секаде во светот“, вели Цветковска која додава дека во Македонија никогаш нема ништо.

Според неа, овој проект е успешен затоа што жртвите се согласиле да зборуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот