Буран Асан/Фото: Методи Здравев

ВИДЕО | Aсан: Турското кафе во калаисано ѓезве има посебен вкус кога се вари на песок

„Слободен печат“ во поддршка на старите занаети од Скопската чаршија. Преку интервјуа со занаетчиите ќе се обиде да ги спаси од заборав, да ги запозне младите генерации со традицијата која со векови се одржува во Чаршијата. Можеби прилозите ќе бидат поттик за некој млад човек некој занает да го одбере за своја идна професија и со тоа да ја продолжи традицијата. Со тоа ќе ги спаси дуќаните од трајно затварање.

Буран Асан е човекот кој го прави најубавото турско кафе. Ќе речете кафе како кафе, но ова е посебно, се вари на жежок песок во посебни ѓезвиња, а се служи и во посебен прибор.

Кафето не би било кафе доколку со него не се послужи и локум, како јаготка на шлагот, а се залева на крај со вода или со лимонада од роза која ја има само кај Буран и никаде на друго место кај нас. Во неговиот мал дуќан се е направено за уживање во духот на турските кафетерии. Доколку времето е убаво кафето се пие на калдрмата пред дуќанот на дрвени столчиња и се диши вековната традиција на Старата скопска чаршија.

-Јас во чаршија сум пораснат, не бев оддалечен од овде, но, немав дуќан, немав ништо во чаршија. Работев во фирма 22 години, поради пандемијата ме отпуштија. Варењето на кафе е од татко ми, ова е традиционално, штета што не сум продложил. Местото е малечко, дуќанот е мал, пред да почнам со бизнисот имав неколку идеи гостите сами да си прават кафе или чај, но за да не останам без работа се решив за ова вели- Асан.

Буран Асан: Фото/Методи Здравев

Тој користи многу чисто, малку поскапо кафе, чиста „арабика“.

– Кафето не е мешавина, луѓето што доаѓаат, што се разбираат, ми пружиле рака за кафето знаат што е квалитет. Сокот од ружа е нешто кое го има само кај нас. Старите го знаат, младите кога ќе пробаат се воодушевуваат, вкусот е специјален. Се прави од ружи, од цветови, стојат на сонце во стаклени тегли најмалку 40 дена, се додава лимонтус, а бојата на лимонадата зависи од цветот на ружата- вели Асан.

За клиенти вели дека има многу. За три години колку што постои направил илјадници кафиња. Специјалитет му е турското кафе на песок и турски чај.

Калинка, црница, минт се чаевите кои најмногу се бараат. За кафето варено на песок најбитен е квалитетот на кафето, битни е и ѓезвето, мора да е калаисано, но и филџаните во кои се пие. Тоа е ритуал.

– Порано на жар се правело кафето. Има разни, кафиња, „минас“, „рио“, имаш „кубана“. Ова е чиста „арабика“, и важно е многу, ѓезвињата, бакарни калаисани, кафе строго турско увезено од турција, други кафиња немам. Чајче, лимонади домашни што правиме, од ружа, од бозел. Кафето е највкусно во бакарно ѓезве- вели Буран.

Тој објаснува дека доста кафе се пие во земјава, вари од 200 до 300 кафиња. Ова им е семеен бизнис, тој ќерка му и сопругата. Чираци нема.

– Секоја недела сопругата прави дома „шеќер паре“ и „султанска тапија“. Тоа се прави со ореви, бадеми, фстаци, мед и пекмез, правиме кадаиф и баклава- вели Асан.

За гостите вели дека доколку пробаат еднаш од неговото кафе се враќаат повторно и повторно.

Целото интервју на нашата колешка Агнеса Чаволи и постапката како се подготвува турско кафе на песок погледнете ја овде:

Во среда очекувајте го интервјуто со еден од најстарите златари во Скопската чаршија- Меџит Даути

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот