ВИДЕО-АНКЕТА: Проблем без решение – Кучиња господарат на скопските улици, трчаат, лаат, па и касаат минувачи

Фото: Слободен печат

Освен неодговорни сопственици и недоволна контрола на бројот на кучињата што се чуваат дома, најголем проблем е што во нашата држава нема прифатилишта за трајно сместување на бездомните животни, со што кучињата без сопственици би се тргнале од улицата. Засега во оваа насока никој сериозно не размислува.

Глутници кучиња низ Скопје ги плашат граѓаните, кои се чувствуваат небезбедно да се движат низ улиците на своите населби, особено во доцните ноќни часови. Се жалат жителите на Аеродром, на Карпош, на Ченто, Железара, всушност поплаки има од сите делови на градот. И додека граѓаните упорно бараат да се најде некакво решение за проблемот, полициските билтени речиси секојдневно информираат за луѓе каснати од кучиња.

Пет-шест кучиња веќе подолго време се „декор“ на градскиот плоштад, ги пречекуваат и ги душкаат групите туристи, трчаат по велосипедистите, лаат по некои минувачи. Сите апели и барања на граѓаните овие кучиња да се тргнат од плоштадот, останаа залудни.

Во Скопје единствена институција задолжена за справување со бездомните кучиња е ЈП „Лајка“, но нејзината задача е да ја спроведува програмата „Залови, стерилизирај, врати“. Тоа значи дека се заловуваат кучињата што немаат ушна маркичка, потоа врз нив се спроведува комплетен ветеринарен третман, вклучително и стерилизација, и повторно се враќаат на територијата каде што се заловени. Прифатилиштето на „Лајка“ нема капацитет за трајно прифаќање на кучињата.

Во изминатиот период заловувачите на ЈП „Лајка“ спроведоа стратешко заловување на кучиња низ скопските општини. По акцијата во Центар ги прашавме зошто не се заловени кучињата на плоштадот „Македонија“.

 Кучињата на плоштад Македонија сите се со ушна маркичка и сите го имаат поминато хуманиот третман и се со години на оваа локација, ЈП „Лајка“ не е трајно прифатилиште, откако ќе го поминат хуманиот третман, доколку кучињата не се вдомат, истите повторно се враќаат на матичната локација. Во контакт сме и со граѓани што живеат на оваа локација и постојано ни пријавуваат кога ќе дојде ново куче без ушна маркичка на оваа локација – одговорија од јавното претпријатие и посочија дека нивниот тим за една недела трипати го посетил плоштадот, каде што затекнале само едно куче без ушна маркичка, кое го поминува хуманиот третман во прифатилиштето.

Оттаму постојано посочуваат граѓаните да пријавуваат доколку на улица видат куче што не е третирано. Но, проблем се и кучињата што поминале третман и се на улици. Кога ќе се здружат и особено кога се од нешто испровоцирани, се случува да нападнат. Застрашувачки изгледаат кога се во чопор, па со право граѓаните се чувствуваат небезбедно.

Во Скопје има илјадници кучиња на улиците, но никој не може точно да каже колкав е нивниот број. Програмата „Залови, стерилизирај, врати“ се чини не ги дава резултатите што се очекуваа, па наместо да се намалува бројот на бездомни животни по улиците, навидум, се зголемува. Најзагрижувачко е тоа што на улиците сѐ повеќе се среќаваат напуштени расни кучиња, некои дури и од видовите кои важат за опасни – ротфајлери, волчјаци, па дури и питбули, кои им здодеале на сопствениците или им се виделе како преголема обврска, па завршиле на улица нестерилизирани и подготвени за неконтролирано размножување.

Неодговорното сопствеништво е сериозен проблем на кој со години укажуваат здруженијата за заштита на животните. „Анима мунди“ неколкупати предлага измени и дополненија на Законот за заштита и благосостојба на животни, усогласени со успешните европски практики, кои според нив се игнорирани, иако дефинираат мерки за контрола, сузбивање, надминување на проблемот. Основните мерки што ги предлага ова здружение се законска забрана за евтаназија на бездомни животни, законска забрана за размножување на кучињата, освен во случај на регистрирана одгледувачница, регулирање и воведување данок за таа дејност, законска забрана за напуштање миленик, задолжително регистрирање (со микрочип) на животните од раѓање и создавање функционална јавна и единствена база на податоци од домашни миленици како и кучињата што се користат при лов, а кои честопати се напуштаат или се подаруваат доколку не ги задоволуваат потребните стандарди, како и законска регулација на трговијата со домашни миленици во пет-шоповите и одгледувачниците.

Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на годинава, кога здруженијата за заштита на животни протестираа против убивањето и мачењето бездомни животни во Струга, рече дека и покрај тоа што станува збор за ингеренција на локалните власти, Владата ќе бара помош од Брисел, преку ИПАРД-програмите да се изгради стационар што ќе биде дом за тие кучиња.

 Барањата се легитимни и ќе се подготви нов закон, кој ќе ги опфати сите услови за чување домашни миленици, почнувајќи од чипирањето. И јас чувам куче и знам како е. Во однос на кучињата скитници, сметам дека е време и градоначалниците да си ја вршат својата работа и да поведат грижа за тоа што им се случува на нивните улици – рече Ковачевски.

Во Законот за заштита и благосостојба на животните меѓу другото во член 27 е прецизирано дека „сопствениците на кучиња се должни да ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, клиники и болници кои се овластени за спроведување на ветеринарно здравствена заштита од јавен интерес во нивното место на постојан престој, со цел да ги регистрираат и идентификуваат, како и да ги исполнат одредбите во однос на здравствената заштита согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство“.

Под регистрирање и идентификување, како што прецизираат од Агенцијата за храна и ветеринарство се мисли на чипирање на домашните миленици. Но, казната за нечипирано куче е само 30 евра во денарска противвредност, а притоа никој не контролира дали сопственикот ја спровел оваа законската обврска. Па, така, голем дел од граѓаните не го прават тоа и доколку кучињата завршат на улица, не може да се утврди сопственикот. Казната за сопственикот на напуштен миленик е 500 евра и досега АХВ информирала само за еден таков случај.

Но, освен неодговорни сопственици и недоволна контрола на бројот на кучињата што се чуваат дома, најголем проблем е што во нашата држава нема прифатилишта за трајно сместување на бездомните животни, со што кучињата без сопственици би се тргнале од улицата. Засега во оваа насока никој сериозно не размислува.

Податоците покажуваат дека кучињата и мачките имаат висока репродуктивна способност и дека се размножуваат со геометриска прогресија, што значи дека од еден пар кучиња или мачки за 8-9 години може да се добијат до 60.000 потомци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот