ВИДЕО | Андоновиќ: Дали новиот лидер на Хезболах, Наим Касем, ќе бара преговори со Израел?
На 28 октомври, либанската вооружена организација Хезболах го именуваше Наим Касем за нов генерален секретар, избирајќи го од она што изгледаше како мал број кандидати.
Препорачано
Касем, кој беше заменик-генерален секретар на Хезболах од 1991 година, ја презема функцијата од долгогодишниот лидер Хасан Насрала, кој беше убиен во голем израелски воздушен напад на 27 септември.
Една недела подоцна, Израелците го убија и Хашем Сафиедин, кој се очекуваше да биде наследник на Насрала, оставајќи му на Хезболах ништо друго освен да го избере Касем.
Хезболах – кој исто така има политичка партија претставена во либанскиот парламент – се смета за терористичка организација од САД, додека Европската Унија го стави на црната листа само нејзиното вооружено крило.
На Касем често му се припишуваат заслуги за водечките напори на Хезболах да го трансформира од главно милитантна група во доминантна политичка сила во Либан. Текстовите што ги напишал најмногу биле фокусирани на идеолошките и религиозните основи на таа група, а не на воената стратегија.
Назначувањето на искусна политичка фигура може да сугерира дека Хезболах се подготвува за разговори со Израел за да стави крај на сегашниот конфликт, иако Израел засега не покажува иницијатива ниту пак интерес за тоа.
Идентично како неговиот претходник, ликвидираниот Хасан Насрала, Касем има многу блиски врски со Техеран. Сепак, за разлика од неговиот претходник, неговите патувања во Иран не беа скриени. Тој често беше фотографиран со ирански официјални лица и беше во Техеран во јули за да присуствува на инаугурацијата на претседателот Масуд Пезешкијан.
За разлика од војната во 2006 година кога Хезболах ги принуди Изралеците да се повлечат од Либан, сега Хезболах претрпува значителни воени неуспеси бидејќи Израел продолжува да ги уништува неговите воени способности и да го ликвидира неговото раководство. Касем практично е единствената преостана позната раководна личност на Хезболах која е позната и признаена надвор од границите на Либан.
Добрите познавачи на состојбите сметаат дека наместо да изберат првенствено воена фигура, со изборот на Наим Касем, Иран и Хезболах се подготвуваат за крај на сегашната војна со Израел.
Сето ова укажува дека очигледно Хезболах има потреба од искусен политички соговорник на чело во очекување на политички преговори со неговите противници, велат аналитичарите.
Засега, од Израел нема некакви сигнали за евентуален дијалог со Хезболах.
Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галан, веќе ја отфрли можноста за дипломатија со организацијата поддржана од Иран и оцени дека ова е „привремено назначување кое нема да трае долго“, алудирајќи дека и Касем ќе го снајде за брзо време судбината на неговите претходници.


