Вицегувернерката Митреска: Народната банка не може и не смее да дозволи банка да работи спротивно на законската регулатива

Фото: mia.mk

Перцепцијата за банкарскиот систем и довербата во него е основата на која тој функционира. Оттаму, објективните и веродостојни информации се исклучително важни за зачувување на неговата стабилност. Ова го истакнува вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за МИА, осудувајќи ги шпекулациите, кои, како што вели, беа пласирани во изминатите неколку недели.

– Секоја донесена одлука, независно дали станува збор за монетарниот инструментариум, девизните резерви или за супервизорските одлуки, вклучително и при носење на одлуката за „Еуростандард банка”, не била и не може да биде дискреционо. Согласно со најдобрите меѓународни практики, професионални тимови подготвуваат целокупна аналитичка инфраструктура – информации, анализи и предлози за постапување што се разгледуваат на повеќе нивоа во Народната банка, пред да се достават до највисокото раководство како предлог за одлучување, вели Митреска, која е дел до тимот на Народната банка веќе две децении.

Во однос на пропаѓањето на „Еуростандард банка”, Митреска е децидна дека не е поврзано со ковид-кризата.

– „Еуростандард банка” подолго време беше изложена на поголем кредитен ризик и слабости во работењето, поради што беше под засилен супервизорски надзор и беа изрекувани бројни супервизорски мерки во насока на санирање на состојбите во Банката. Всушност, токму заради објективноста и темелниот пристап на супервизорските тимови, овие слабости излегоа на површина во билансот на Банката, посочува вицегувернерката.

Таа напоменува дека и покрај корективните мерки, капиталот на Банката паднал под законскиот минимум, а во таков случај единствено можно решение е барањето до сопствениците да ја исполнат својата законска обврска и да вложат дополнителни парични средства.

– Би сакала јавноста да има целосна слика и да знае дека ова не се средства што ѝ се потребни на Народната банка. Тие средства се слеваат во билансот на деловната банка и во овој случај беа неопходни да се исполни законското минимално капитално барање за да може „Еуростандард банка” да опстојува, нагласува Митреска.

Според неа, за жал, ниту од сопствениците, ниту од потенцијален инвеститор посочен од нив, со кого Народната банка имала интензивна комуникација, не се обезбедил потребниот капитал за да се достигнат минималните законски барања. Во такви околности, според вицегувернерката, немало друго решение освен укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка”.

– Народната банка не може и не смее да дозволи банка да работи спротивно на законската регулатива, истакнува Митреска.

Во интервјуто за МИА, таа се осврнува и на оцените и очекувањата на Народната банка за ефектите од ковид-кризата врз македонската економија. Притоа посочува дека по првиот шок од пандемијата на Ковид-19 се забележува одредено стабилизирање на довербата и перцепциите на потрошувачите и инвеститорите. Кај извозната активност беше забележан пад, но како што вели Митреска, веќе од јуни има поактивно искористување на македонските производствени капацитети вклучени во глобалниот автомобилски синџир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот