Весли Кларк / Фото: EPA/EFE / MATTHEW CAVANAUGH

Весли Кларк за ОВК: Некој однадвор ја вооружуваше и ја обучуваше, Тачи не беше воен командант

Хашим Тачи не изгледаше како да има каква било моќ. Никогаш не успеав да решам ништо преку него. Изгледаше добро, беше најмладиот, со добра фризура, добро облечен, вели американскиот генерал.

Во Хаг денеска започна сведочењето на последниот сведок на одбраната – пензионираниот американски генерал Весли Кларк, командант на силите на НАТО во Европа за време на бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година, пишуваат албанските медиуми.

Меѓу другото, Кларк рече дека нема што да каже за структурата на ОВК и дека според неговите сознанија, тоа биле локални групи кои се собрале „по години угнетување од Србија“ и дека биле сметани за „луѓе кои живееле во своите домови и сакале да ги заштитат своите семејства“.

Тој, исто така, го повтори тврдењето кое минатата недела на судењето го изнесе поранешниот американски пратеник за Косово и амбасадор во Белград, Кристофер Хил – дека ОВК немала командна или раководна структура и дека Хашим Тачи „не бил воен командант“.

Не бил свесен за нападите на ОВК врз српските цивили во летото 1998 

Иако следел што се случувало во Косово во 1998 година, тој рекол дека не бил свесен за нападите на ОВК врз српските цивили во летото 1998 година.

„Можеби сум слушнал за тоа, но не се сеќавам на конкретниот настан. Но, звучи познато“, рече Кларк.

Во врска со поединечните случаи – киднапирањето на српски рудари во средината на годината, киднапирањето и убивањето цивили во врска со офанзивата во Ораховац, тој рекол дека не знаел за тоа.

Исто така, не знаел дали имало оперативни зони на ОВК или кој бил командант на главниот штаб или командантите на зоните.

„Првиот пат кога се сретнав со нив во Рамбуе, имаше осуммина, не ми беше важно каква е нивната позиција или кои се“, рече Кларк.

На прашањето, дали разузнавачките информации за време на бомбардирањето некогаш биле погрешни, тој рече дека е тешко да се каже, но дека имало такви и го повтори случајот со нападот на погрешен објект, кога по грешка беа убиени 80 албански цивили.

Не видел ништо што би укажувало на синхронизирани акции на ОВК

По адвокатот на одбраната, испрашувањето на Кларк го продолжи обвинителот Мет Халинг, кој го праша дали го видел документот дека ОВК извршила синхронизирана акција во 1998 година на 12 локации, односно полициски станици, на што американскиот генерал одговори негативно.

„Можеби е така, но информациите што стигнаа до нас беа различни од таа најава. Не се сеќавам дека сум видел нешто слично. Не се сеќавам дека сум видел нешто што би укажувало на синхронизирани акции на ОВК. Ние во НАТО не го знаевме тоа“, рече Кларк.

Тој вели дека дури и не знае дали членовите на ОВК имале рачни ракетни лансери и дека не се сеќава дека добиле такво известување.

„Можеби би можеле да ги имаат, но јас тоа не го знам. Ако велат дека го извршиле нападот со ракетни лансери, тогаш сигурно ги добиле од некого, веројатно ги добиле од самите Срби“, верува Кларк.

На прашањето дали некогаш слушнал дека штабот на ОВК ја презема одговорноста за ваквите акции, тој одговори: „Не сум“.

Обвинителот Хејлинг потоа посочи делови од книгата „УЧК – приказна од внатре за бунтот“ во кои, меѓу другото, се наведува дека Тачи честопати бил врската помеѓу оние што планирале активности во егзил и на Косово, како и дека тој ја заслужил почитта на сите во ОВК на бојното поле, на што Кларк рече дека не го знаел ова на начинот на кој е опишан во книгата.

„Секогаш имав впечаток дека има луѓе надвор од Косово кои сакаат да се ослободат од српското угнетување, а Тачи бил во Швајцарија. Претпоставувавме дека тој е лице за контакт, а не знам како изгледало тоа. Она што го пишува не ме изненадува, бидејќи никогаш не сме помислиле дека не се поврзани со луѓе надвор од земјата, дека не ја земаат предвид стратегијата, дека се обични луѓе кои понекогаш пукаат во полицаец… Знаевме дека зад тоа стои многу повеќе. Но, фактот дека некој пишува вака, не мора да значи дека постоело лидерство, команда“, рече Кларк.

Иако некој однадвор ги вооружал и обучил, никогаш не успеале да формираат армија

Кога го прашале зошто генералот Мајк Џексон го поканил да разговара со ОВК за демилитаризација, тој рекол дека никогаш не си го поставил тоа прашање, но знаел дека има тешкотии бидејќи тоа биле луѓе кои „се бореле лично и кои не сакале толку лесно да слушаат некој друг“.

Кларк, исто така, тврдел дека никогаш не се сретнал со генералот Агим Чеку и додал дека смета дека постои загриженост и недостаток на доверба дека КФОР ќе ги заштити, имајќи предвид што виделе во БиХ, односно дека УНПРОФОР не бил успешен во ова.

Тој повторил дека ја смета ОВК за рудиментарна организација, дека воопшто не е професионална армија, туку дека станува збор за регионални групи борци кои се здружиле за да ги заштитат своите заедници.

„Иако биле вооружени и обучени од некој однадвор, никогаш не успеале да формираат армија“, тврди Кларк.

Тој истакна дека станува збор за луѓе кои се бореле против „децениската репресија и насилство од страна на Србија врз Албанците, кои биле исфрлени од државната служба, албанскиот јазик бил укинат во училиштата и слично“.

На друго прашање за Тачи и неговото верување дека не е командант на ОВК, Кларк рече дека Тачи не изгледал како некој што се борел во шумата една година.

„Изгледаше како западњак. Не изгледаше како да има каква било моќ. Никогаш не успеав да решам ништо преку него. Изгледаше добро, беше најмладиот. Имаше подобра фризура, подобро облечен. Живееше во Швајцарија, колку што јас разбирам, зборуваше германски и имавме проблеми со комуникацијата. Но, тој не беше воен командант“, убеден

Го предупредив Милошевиќ – ако не ги повлече своите сили, ќе следи бомбардирање

За време на своето сведочење, Кларк ја спомена средбата со тогашниот македонски претседател Киро Глигоров, на која му било кажано дека „убиството на семејството Јашари ќе предизвика албанско востание“.

„Глигоров беше личност која многу добро знаеше што се случува во Југоисточна Европа. Се потпрев на неговата изјава“, рече Кларк.

Тој рече дека после тоа испратил писмо до властите во САД и предупредил дека Милошевиќ ќе предизвика уште еден конфликт и дека предупредувањето треба да се повтори.

По некое време, добил одобрение да создаде акционен план кој, доколку етничкото чистење продолжи, тоа вклучувало бомбардирање на Косово, а потоа и на Србија.

„Ако ни тоа не донесе резултати, планот вклучуваше влегување на копнени сили“, рече Кларк.

Тој тврди дека Милошевиќ значително го зголемил брејот на  војници во пролетта и летото 1998 година.

„Забележавме дека ова се случува, а кога Холбрук отиде да се сретне со Милошевиќ во летото, претседателот на Србија рече: „Ги гледам вашите авиони, но ова се мои луѓе, не би им направил никаква штета“, истакна Кларк.

Тој рече дека било јасно дека Милошевиќ нема да ги послуша и дека околу 400.000 Албанци избегале во планините.

„Жените се породувале таму. Србите се обиделе да ги елиминираат лекарите и адвокатите од тие села. Оние што избегале во планините останале на цедило без да им обрнат внимание“, тврди американскиот генерал.

Кога го прашале дали ги виделе силите на ОВК, тој рекол дека не можело многу да се види од воздух, но дека ситуацијата била „како да нема две спротивставени сили“.

Тој рекол дека го предупредил Милошевиќ дека ако не ги повлече своите сили, ќе мора да го спроведе одобрениот план, што значело бомбардирање.

Бидејќи ништо не се променило по неколку предупредувања, бил составен договор, во врска со кој, според Кларк, Милошевиќ се однесувал како да не постои.

„Милошевиќ рекол дека тие Албанци се убијци и дека знаат што да прават со нив. Кога го прашав што прават со таквите терористи како што ги нарекуваат, тој одговорил – ги убивме“, рекол Кларк.

Дури и по потпишувањето на тој договор, ништо не се случило, па им објавил на американските власти дека ќе мора да го активира акциониот план.

Тогаш нешто почнало да се движи, и сè се случило пред Вокер да ги разгледа гробовите, додаде Кларк.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот