Велосипедската инфраструктура се гради, но не е по стандарди

Жената била пренесена во Градска општа болница „Св. Наум Охридски" каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди./Фото: Град Скопје

Потребно е да се донесе еден правилник што ќе важи секаде, за секоја уличка и коловоз – да се знае точно ширината на велосипедската патека, да се знае како се поставуваат рамниците на тротоарите, со која висина…

Велосипедистите од граѓанското здружение „На точак“ денеска попладне ќе возат низ Скопје. Од овој настан, наречен „Критична маса“, кој се одржува по 85-ти пат, овој пат тие ќе ја испратат пораката: „Сакаме да се видиме и да нѐ видат“. Причината за оваа порака е потребата од поголема комуникација со градските власти за да се чујат нивните забелешки и да се изгради инфраструктура која е најповолна за велосипедистите.

Дарко Арсовски Петровски од здружението „На точак“ вели дека е добро што се прават нови велосипедски патеки и паркинзи, но дека тие не се прават по единствен усвоен стандард.

– Потребно е да се донесе еден правилник што ќе важи секаде. Да се знае точно ширината на велосипедската патека, да се знае како се поставуваат рамниците на тротоарите, со која висина… Особено проблеми има во малите улички каде што може да се види многу произволно градење на инфраструктурата. Затоа е важно донесување еден општ правилник, кој ќе значи единствен стандард за секоја уличка и за секој коловоз каде и да е. Ваков правилник е непишан, веќе 5 години, но никако да се усвои – вели Арсовски Петровски.

Тој укажува и на потребата при реновирање на старите улици, да се мисли и за велосипедистите.

– Скопје сега е во нова градежна офанзива. Може да се види дека многу улици се реновираат. Но би потсетил дека транспортно средство не е само возилото и дека не треба само да се стави нов асфалт по кој ќе поминуваат возилата, туку паралелно да се работи и на велосипедските патеки и на патеките за пешаците – вели Арсовски Петровски.

Градоначалникот Петре Шилегов, пак, вчера на отворањето на првиот плоштад за велосипеди „Велоштад“, кој се наоѓа кај Железничката станица, рече:

– Град Скопје и понатаму посветено ќе ја гради својата мрежа на велопатеки, во континуитет се поставуваат паркиралишта за велосипеди на различни локации во градот, и продолжува да се вложува во одржливата урбана мобилност и на тој начин се грижи за животната средина во нашиот град.

Европа многу ги форсира велосипедите како превозно средство и нуди поддршка за нивна примена во европските земји. Така и „Велошпед“ е направен со целосна поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка, а муралот што го краси велосипедскиот плоштад е изработен со целосна поддршка на Канцеларијата на делегацијата на ЕУ во РСМ, па на настанот својата поддршка ја даде и амбасадорот Дејвид Гер.

Во стратегијата на ЕУ за возење велосипед подготвена од Европската велосипедска федерација во 2017 година, дадени се препораки за постигнување зелен раст и ефективен систем за мобилност до 2030 година. Во стратегијата се формулирани четири главни цели, кои се очекува да се постигнат до 2030 година: Зголемување на користењето на велосипедот за 50 проценти во просек низ цела ЕУ; Преполовување на стапката на загинати и сериозно повредени велосипедисти на извозен километар; Инвестирање 3 милијарди евра за возење велосипед во периодот од 2021 до 2027 година и 6 милијарди евра во периодот 2028 – 2034 година; На квалитативно ниво, велосипедот да се третира како рамноправен начин на транспорт во системот за мобилност.

До 5 километри најдобро е да се патува со велосипед

Истражувањата за мобилност покажуваат дека најголем дел од патувањата со велосипед во урбани средини се пократки од 5 км, пишува во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај во периодот 3019-2021 година, објавен од Град Скопје.

„Патувањата со должина до 5 км се сметаат како најсоодветни за користење велосипед, бидејќи патувањето од врата до врата, во споредба со другите начини на транспорт, е најбрзо со велосипед. Ако се земе предвид и дека во градските средини просторот е ограничен ресурс, токму кај патувањата до 5 км треба да се бара потенцијалот за пораст на употребата на велосипед како начин на транспорт“, пишува во Планот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот