Велика Британија воведе санкции против руски хакери

Фото : Архива

Велика Британија воведе санкции против двајца руски хакери поради, како што велат од британското Министерство за надворешни работи, континуираните, но неуспешни обиди на шпионите да се мешаат во политиката.

„Хакерска група истражувачи за сајбер безбедност наречена ‘Студена река‘ која работи во име на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), цели на британски политичари, новинари и непрофитни групи во период од неколку години“, се вели во соопштението.

Британската влада соопшти дека една група украла податоци преку сајбер-напади, кои подоцна биле објавени во јавноста, вклучително и материјали поврзани со изборите во 2019 година, пренесува Би-би-си.

Министерот за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека дејствата на групата се „целосно неприфатливи“.

„И покрај нивните постојани напори, тие не успеаа. Ќе продолжиме да работиме заедно со нашите сојузници за да ја разоткриеме руската тајна сајбер активност и да бараме одговорност од Русија за нејзините постапки“, вели Камерон.

Во врска со ова, од Министерството за надворешни работи велат дека рускиот амбасадор во Британија бил повикан и информиран за „длабоката загриженост на Обединетото Кралство (ОК) за постојаните обиди на Русија да користи сајбер операции за да се меша во политичките и во демократските процеси во ОК и пошироко.

Во јануари оваа година, западни медиуми јавија дека „Студена река“ е насочена со активности кон три лаборатории за нуклеарни истражувања во САД.

Групата, која е позната и како „Калисто“ или „Ѕвездена Бура“, првпат го привлече вниманието на разузнавачките служби откако во 2016 година го нападна британското Министерство за надворешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот