Велигденска литургија во празни храмови, празникот каков што не се памети (ВИДЕО)

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Невообичаено тивок Велигден. Радосната вест за Христовото воскресение верниците вчеравечер ја дочекаа во домовите, наместо, како секогаш, во Божјите храмови.

Пандемијата на вирусот Ковид 19, и мерките на Владата оваа година им оневозможија на верниците да се поклонат под плаштеницата, да запалат свеќа и да се причестат.

Полицискиот викенд, кој започна во петокот во 16 часот и ќе трае до вторник наутро, ги испразни не само улиците, туку и црквите и манастирите.

Архиепископот на македонската православна црква, г.г. Стефан, и свештениците, синоќа, сами, без придружба на верници направија три круга околу црквата, а денеска Велигденската литургија се одржа во празен храм.

– Се надевам дека ваков Велигден нема никогаш повеќе да се повтори. Гласот ми се фати, душата ми се стегна кога ја видов црквата празна за Велигден. Да го сфатиме ова како порака од Бога, да намалиме со трката по материјалното, да се свртиме кон духовното. Овој вирус ни покажа дека пред Бога сите сме исти, тој не бира богати или сиромашни, ни рече по завршувањето на литургијата, еден од свештениците.

Света причест примија само неколкумина најхрабри, со најголема верба во Господ. Прашавме еден од нив дали се плаши од ширење на вирусот.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

– Само малку се двоумев, но одлучив да имам поголема верба во Господ. Не се плашам, ама и така црквата е празна, нема и од кого да се заразам, ни одговори.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот