Ведрана Рудан се разведува по триесет години брак: Короната покажа кој е мојот сопруг и во каква „среќа“ живеам

Instagram
Фото: Принтскрин -Instagram

Хрватската писателка Ведрана Рудан вчера на својот блог објави напис со наслов „Мојот развод“, што предизвика големо внимание во јавноста. 

Нејзината објава ви ја пренесуваме во целост:

„Нела утрово ме праша зошто решив да се разведам по триесет години среќен брак. Среќен брак? Короната покажа кој е мојот сопруг и во каква „среќа“ живеам. За првпат во нашите животи поминувавме дваесет и четири часа на ден заедно.

Сакам чанти. Дрвени, пластични, кожни, направени од слама, хартија, стакло… Знам, чантите чинат, но животот е еден. Мојот поранешен сопруг мисли дека на наша возраст има смисла да се трошат пари само на превентивни прегледи. Ме натера да направам колоноскопија, за среќа со анестезија. Отидоа седум чанти. И? Лекарот рече, дојди на преглед за десет години. Каде ќе бидам за десет години?

Пред еден месец, тој направи неколку магнетни и три ЦТА. Постојано слуша што велат измамниците во продавниците за здрава храна. Имаме чај за затворање, отворање, смирување, вознемирување и за зајакнување на апетитот. Е*ате! Кому му треба зајакнување на апетитот после короната? Без проблем можам да влезам само во неговата тренерка. За појадок јаде каша, во неа истура мелени семки од тиква. За ручек со месеци јадевме песто од авокадо, тој го подготвуваше, со лук, но без сол. Маслиновото масло требаше да биде од Бенковац. Дали има маслинови дрвја во Бенковац? Мојот поранешен сопруг не провери.

Еден ден рекоа, нема корона. Отидов во градот и си купив седум чанти и приврзок за клучеви, рачно изработен, во форма на чанта. Полуде. Ми рече дека страдам од торбатитис. Мојот, фала му на Бога, поранешниот сопруг, секогаш беше духовит кога требаше да с*ре по мене.

Реков: „Доста! Доста ми е од твоите прегледи, умираш од здравје, човеку! Наместо да ми се посветиш мене, ти деновите ги поминуваш во приватни клиники. Мајмун, ти си единствениот во градот што има попуст во приватна клиника!“. Тој се пресели во куќата на неговите покојни родители, јас останав во нашата.

Тој, мислам, мојот иден сопруг, е сосема поинаков човек. Тој е шеснаесет години помлад од мене, сите мажи постари од мене се или починати или неподвижни или чекаат во приватни амбуланти да дојде нивниот термин за промена на двата колкови. Ликот е полн со живот. Се радува на фудбалот, сака да јаде и пие, не сака песто, тој ме сака мене. Се вљубивме во една прекрасна продавница на улицата Матија Губец. Си купуваше пурпурни чевли, јас гледав во виолетовата чанта.

„Тоа е одлична чанта“, рече тој. Никој не ме гледа веќе со години. Се воодушевив. „Твоите чевли се луди, каква случајност, иста боја како мојата чанта“. „Најдобро би било да ги купиш и ти за да можеме да одиме низ животот со ист чекор“. Разбирате? Колку добра основа. „Ајде да одиме низ животот со ист чекор“. Отидовме во неговата куќа на пијалак, останатото е историја.

Никогаш нема да го заборавам тоа попладне. Дремнав после сексот, ме болеше секоја коска, но среќата ме анестезираше. Кога се разбудив, тој ми рече: „Те гледав како спиеш. Спиеше со отворена уста, изгледаше како да му пееш на небото“. Е*ате! Не спомна земање крв, анализа на урина, боја на крв во столицата.

Да, овој вторник ќе подготвиме свадба во паркот во Опатија, веднаш до црквата. Не кажувајте никому. Тој ќе ги носи оние пурпурни чевли што му ги купив, му купив и виолетов костум во риги и црна кошула и зелена вратоврска со ситни точки, јас ќе бидам во црна венчаница која ќе одговара на неговата кошула. Нема да бидеме во „Глорија“, но ќе бидеме модно усогласени.

Го исфрлив стариот кревет од куќата, нема да спијам на непријатни спомени. Вчера го монтираа мојот кревет „Hespo“ и му ставија душек кој вибрира, така што, ако ме разбирате, можам да се движам, а да бидам неподвижна. Ќе се венчаме, тоа навистина нека остане меѓу нас, во црква. Не сме крстени и двајцата, свештеникот рече, немајте гајле, платете го новото ѕвоно.

Моите злобни пријателки кои немаат храброст да одат низ животот во пурпурни чевли велат дека тоа ќе биде брак од интерес. Подобро брак од интерес, отколку без интерес. Имам пари и сакам да живеам, тој сака пари. И во мене и во него гори желбата. Може ли да биде подобро? „Нема да биде на долг рок“. Гадурии! Знам. Сè има датум на траење. Рокот што ми преостана ќе го претворам во рокенрол.“

Ведрана Рудан: Свесна сум дека деновите ми се одбројани, а смртта живее во мојата градина и ме чека

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот