Вакцинационализам

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Уште пред да почнат клиничките тестирања на водечките фармацевтски компании, богатите земји се натпреваруваа кој повеќе вакцини ќе нарача. Хистерично се фрлаа пари како во обложувалница на коњски трки, при што вообичаено најголемите износи се ставаа на „коњот од домашната штала“. Американците се обложуваа на „Фајзер“, Британците и Европејците на „Астра Зенека“, Русите на „Спутник В“, Кинезите на „Синовак“.

За општиот глобален хаос придонесоа и самите фармацевтски гиганти, кои, во несекојдневна можност за брз профит продадоа повеќе дози отколку што воопшто и можат да испорачаат, создавајќи уште поголема паника и кавга кој на кого и колку му должи. Па облозите се променија. Италија, Хрватска и многу други земји од Европа сега се обложуваат на рускиот адут, кој продира и во Латинска Америка, а Кинезите се во освојувачки поход низ Азија. Лудница.

А, ѓаолот, ни ора ни копа, туку мутира. Па се наново, нови генетски прилагодувања и тестирања, нови нарачки и расправии кој колку има „за земање“. Се чини, до недоглед.

Таквиот хаос ја загрозува основната улога на вакцината да биде оружје со кое ќе биде совладан вирусот. Оние со најголема финансиска кондиција, како Канада, Австралија, Јапонија и кралствата од Персискиот Залив, купија многу пати повеќе дози отколку што им се потребни за сите жители. Логиката им е економски праведна – ние вложивме, ние имаме право први да добиеме. За сиромашните, што остане. Ковакс и разните програми за дистрибуција не се ни приоритетни ни доволни за „ситните играчи“ и се чинат повеќе како обид на вакционационалистите да си го исчистат образот.

Но, со тој апсолутно неморален и неправеден егоизам, најмоќните, всушност, уште повеќе ги загрозуваат здравјето на сопствените граѓани и економии. Новите анализи покажуваат дека најбогатите економии ќе изгубат илјадници милијарди долари ако не успеат да им обезбедат пристап на земјите во развој до вакцини за ковид-19. Глобалниот зијан од нерамноправно распределување на вакцините може да биде помеѓу 203 милијарди и 5.000 милијарди долари. За споредба, целиот меѓународен систем за забрзан пристап до вакцини, вклучувајќи го и Ковакс, чини 38 милијарди долари.

„Колку повеќе чекаме да обезбедиме вакцини, тестови и третмани за сите земји, толку се поголеми шансите да се појават нови мутации, на кои вакцините нема да бидат ефикасни. Никој нема да биде сигурен додека сите не бидат сигурни“, предупреди шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус. Со други зборови, стотиците милиони дози во разладените трезори на богатите ќе бидат фрлени во бунар ако во некое село во Африка или во Индија, за кое никому не му е грижа, се развие нов тип на вирусот. Сиромашни и напуштени, селаните и онака ќе чекаат мајката природа да им обезбеди имунитет на стадо, колку и да е висока цената во човечки животи. Но, од новиот сој нема да штитат ни вакцините за кои најбогатите земји потрошиле милијарди.

Па се доаѓа до заклучокот дека за богатите би  било подобро ако лично испорачаат пакети до најзафрлените места и да ги молат селаните да се вакцинираат. Не оти кој знае колку им е грижа за нив, туку за да се заштитат себе.

Посебна категорија во оваа глобална глобална трка се помалите играчи, како Србија, кои не се моќни, но се покажаа исклучително вешти и обложувајќи се на повеќе адути обезбедија доволно вакцини за сопствените потреби. Дури и им остана по некој пакет за да ги почестат збунетите пријатели, за што треба да им бидеме искрено благодарни.

Ние, пак, игравме по сите правила и, се чини, изгубивме. Во оваа трка влеговме и наивни и неспремни. Не само за да обезбедиме некој пакет вакцини повеќе. Потфрливме и таму каде што не може да се потфрли. Немаше да има никаква штета ако некој го провереше сајтот за пријавување за имунизација пред да биде отворен, па и да доцнеше неколку часа.

Како и да е, првите вакцини се тука и имунизацијата почна. Ни преостанува да ги засукаме ракавите, но не само за да не боцнат, туку за некои идни кризи. За да ги зацврстиме пријателствата за кои мислевме дека се доволно цврсти. А и, конечно, да погледнеме подалеку од еден мандат. Да создадеме свои лаборатории и погони, не само за вакцини. Да ги негуваме младите умови, да ги охрабриме дека и тука може да бидат ценети, почитувани и вреднувани, не само по белиот свет.

Да се обидеме, барем. Ковид-19 не е ни последната пандемија ни последниот голем предизвик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот