Утре завршува аплицирањето за помош за плати, а денеска не ни почна

Работодавачите и сметководителите утринава нервозно реагираа откако увидоа дека во „Службен весник“ сѐ уште не се објавени законите со кои треба да се обезбеди основ за финансиска помош за исплата на плати во фирми што се погодени од здравствената криза. Тие алармираа дека не може да го преземат ниту електронското барање за финансиската помош. Рокот за аплицирање е до утре.

Од УЈП ни изјавија дека барањето за финансиска помош е подготвено и тоа ќе биде поставено откако Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, ќе биде објавен во „Службен весник“. Според УЈП, Министерството за финансии е тоа што треба да се погрижи за објавување на овој закон во „Службен весник“.

Во изминативе денови имаше многу критики на адреса на доцнењето на целата регулатива околу законите што треба да обезбедат реализација на мерките од четвртиот економски пакет. Но, пред да се зборува за каква било регулатива, пратениците го имаа во раце ребалансот на Буџетот, преку кој треба да се обезбедат пари и тие за него расправаа онолку колку што им дозволува собранискиот деловник – 10 дена во Комисијата за финансирање и буџет и 5 дена на собраниска седница, со што се загуби драгоцено време.

Ребалансот на Буџетот се донесе во средата, во петокот се изгласаа законите за финансиска помош за исплата на плати на работници и на самостојни вршители на дејност, а во саботата, заедничка прес-конференција одржаа министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на УЈП Сања Лукаревска, со детали кој може да добие помош и како да се аплицира.

– Мерката започнува со електронско поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на плати за работниците преку е-даноци, а Управата за јавни приходи ќе одговори за комплетноста на барањето веднаш, односно најдоцна до 3 дена – рече Лукаревска.

Од Комората на сметководители реагираа уште на 27 октомври, потенцирајќи дека тие веќе ги прават пресметките на плати за октомври, а го немаат законското решение за финансиската помош.

По оваа нивна реакција, од УЈП соопштија, за да не доцнат платите, кој има можност да ги исплати, а потоа дополнително ќе добие финансиска помош.

„Имајќи го предвид фактот дека законот сѐ уште не е донесен, како и краткиот рок за поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, работодавачите кои имаат можност за исплата на платата, може тоа да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барањето и да направат корекција на МПИН-образецот за користење финансиска поддршка за исплата на платите“, соопштија од УЈП на 3 ноември.

Според регулативата, бруто-платата на работниците треба да им биде исплатена до 15 ноември, во спротивно ќе има казни за работодавачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот