Усвоен законот, попис од 1 до 21 април

Фото: mia.mk

Со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“, Собранието вчера го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите. За Законот гласаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и БЕСА, како и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива, додека ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето.

По речиси 19 години без попис во државата, оваа статистичка операција ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година. Со законот граѓаните што живеат надвор повеќе од една година ќе се водат како нерезиденти.  

Најголемата опозициска партија обвини дека пописот ќе биде политичка, а не статистичка операција и затоа не го поддржува, резултатите нема да ги признае, а најави и собирање 15.000 потписи со кои ќе го поништи Законот за попис. 

Според надлежните, оваа статистичка операција ќе биде спроведена од Државниот завод за статистика како овластен носител на статистички истражувања. Главна новина е што ќе се спроведува со т.н. комбиниран метод, нешто што досега не било практика, а било практика во други земји. Овој метод подразбира истовремено попишување на терен со класичен метод, интервју лице во лице, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци.

Пописот ќе се спроведува со електронски прашалници, со користење ИТ-технологија, и според стандардите на Евростат. Целокупната територија на државата е поделена на 50 пописни реони во којшто ќе се формираат т.н. регионални пописни комисии кои имаат функција да овозможат логистика на целокупната операција. Во статистичката операција ќе учествуваат околу 6.000 лица, околу 5.000 попишувачи, околу 500 реонски инструктори и околу 200 државни инструктори и членови на комисиите. 

Пописот ќе чини 8,5 милиони евра, а предвидено е резултатите од него да бидат достапни 6 месеци по завршувањето на процесот. Пописот од 2002 година е последниот што е спроведен во земјата. Последниот обид за попис што пропадна беше во 2011 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот