УСЈЕ: Ги спроведуваме законите и работиме согласно највисоките стандарди

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Од УСЈЕ во соопштението појаснуваат дека одредени наводи изнесени во јавноста не кореспондираат со реалната состојба.

Борбата за чиста животна средина е обврска на сите субјекти, а таа мора да биде темелена на вистински и точни аргументи и разумен став. Институциите, граѓанскиот сектор и индустријата имаат подеднаква улога и одговност во создавање услови што ќе доведат до подобрување на состојбите со животната средина, наведуваат во соопштението од цементарница УСЈЕ.

-Цементарница УСЈЕ АД Скопје е отворена компанија која работи транспаретно и ги споделува сите информации поврзани со своите активности. Компанијата активно соработува и е подготвена за дијалог со сите засегнати страни, бидејќи сите активности во компанијата се одвиваат согласно највисоките стандарди пропишани за индустриски капацитети од овој тип, не само во земјава, туку и согласно регулативата во ЕУ. Во духот на транспарентноста сакаме уште еднаш јавно да ги повикаме претставниците на О2 коалиција да дојдат и да нѐ посетат во време кое ним им одговара за да можат детално да се запознаат со нашето работење и да ги постават сите прашања важни за нивните активности. Само така ќе можеме сите заедно да креираме ставови темелени на факти и понатаму да дојдеме до решенија и мерки што ќе бидат од корист на јавноста и ќе донесат реално подобрување на состојбите- наведуваат во соопштението од УСЈЕ.

Од УСЈЕ во соопштението појаснуваат дека одредени наводи изнесени во јавноста не кореспондираат со реалната состојба.

-Во Цементарница УСЈЕ од алтернативни горива се користи биомаса и преработени фракции од неопасен отпад. Во 2019 година иако беа дозволени 25-35%, замената на фосилни со алтернативни горива (АГ) во Цементарница УСЈЕ беше 4%. Беа употребени само 4.400 тони алтернативно гориво од кои 870 тони лушпи од ориз од кочанско. Граничните вредности на концентрациите на диоксини и фурани, тешки метали и други параметри во емисиите во воздухот од цементната индустрија се многу пониски кога се употребуваат АГ, во споредба со емисиите кога се употребуваат конвенционални фосилни горива. Тоа е определено во т.н. BREF документи (BAT-Reference Documents) за цементната индустрија кои ги пропишуваат најдобрите достапни техники и важат за сите цементни фабрики во Европа- стои во дописот до медиумите.

Следејки ги добрите практики во ЕУ, сите стандарди и барања за намалување на влијанието врз животната средина ги спроведуваме дури и пред истите да станат законска обврска. Употребата на АГ е определена како најдобра Достапна Техника со погоре споменатите BREF документи и практично е обврска на секоја цементна фабрика. Тоа е единствен начин да се намалат емисиите на стакленички гасови во цементната индустрија. Дополнително, секоја споредба со инсталации кои се неодговорни и вршат било какви нелегални дејства немаат никаква поврзаност со работењето на нашата фабрика.

-Сакаме да потенцираме дека Цементарница УСЈЕ врши континуиран мониторинг на сите наведени испусти и согласно законските обврски чува запис од извршениот мониторинг, а не само на два, како што се наведува во дописот на О2 коалиција. Податоците од мониторингот за сите мерни места се доставуваат до МЖСПП согласно со барањата во А-Интегрираната еколошка дозвола. Со цел да се зголеми транспарентноста во нашето работење, Цементарница УСЈЕ еднаш неделно ги објавува податоците од континуираниот мониторинг на двата најзначајни извори на емисии – двете линии за производство на клинкер. На сите други испусти, односно мерни места, има единствено емисии на прашина од мелење на суровини и полупроизводи. Емисиите од сите мерни места за сите параметри се под дозволените гранични вредности на емисии. Овие податоци во реално време и како претходен запис може во било кое време да се погледнат во Цементарница УСЈЕ- наведуваат оттаму.

Цементарница УСЈЕ има обврска да врши дополнителни мерења на квалитетот на амбиенталниот воздух во кругот на фабриката. Локацијата на мерење е определена од страна на МЖСПП. Согласно со стандардите за мерење на квалитет на амбиентален воздух, референтната метода е гравиметриска (не on-line) и Цементарница УСЈЕ ја користи токму таа метода. За споредба, на истото мерно место, неколку пати годишно мерења вршат и независни акредитирани лаборатории. ДИЖС има целосен увид во овие споредбени мерења, а резултатите од мерењата потврдуваат дека не постои корелација помеѓу емисиите од Цементарница УСЈЕ и квалитетот на амбиенталниот воздух. Така, во зимскиот период кога воопшто нема производство на цемент, измерените вредности на РМ10 се значително повисоки од дозволените, додека пак летно време кога Цементарница УСЈЕ работи со полн капацитет, концентрациите на РМ10 честички се во рамки на дозволеното, односно под 50µg/m3.

-УСЈЕ како компанија заедно со сите други засегнати страни подеднакво се залага за подобрување на состојбите со животната средина. Компанијата е индустрија која денес е лоцирана во градско поддрачје, па оттука наша деловна определба, а не само граѓанска должност, е да работиме согласно највисоките стандарди и постојано да се подобруваме. Затоа континуирано сме отворени за посети на сите заинтересирани и вклучени страни, па затоа се надеваме дека овој пат ќе ја искористите можноста да нѐ посетите- е наведено во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот