Уште има продавници каде што се плаќа само во кеш, туристите на големи маки

Провизиите и „сивиот промет“ ги одвраќаат малите трговци да постават ПОС-терминали

Иако плаќањата со картички се веќе широко распространети, сè уште има мали продавнички што примаат само готови пари. Со картичка не може да се плати и кај повеќе такси-компании. Плаќањето во кеш особено ги мачи туристите што ни доаѓаат, а кои се навикнати за сите плаќања да ја извадат картичката. Но, како што упорно укажуваат експертите, тоа е извор и на сива економија.

Во продажните места каде што не примаат картички, ни одговорија дека им се високи банкарските провизии.

– За секое плаќање со картичка ние им плаќаме на банките. И онака ни е тешко да се бориме со конкуренцијата со големите маркети, уште да имаме дополнителен трошок од банките – ни рекоа во една продавница.

При обиколката на Старата скопска чаршија каде што вриеше од туристи, можевме да забележиме како се зачудени што не можат да платат сладолед со картичка или да купат некој сувенир. Од плаќањето во готово се одвикнале и нашите сограѓани што отишле да живеат во некоја европска земја, па дошле на одмор тука.

– Веќе трета година сум во Шведска. Јас заборавив како изгледаат готови пари. Речиси никогаш ги немам во паричникот. Таму сè се плаќа со картичка – вели една наша иселеничка.

За проблем со плаќања во готовина ни се обрати и една наша сограѓанка што била на банско лекување во Банско.

– Таму има само една аптека и таа не прима кеш! Требаше да подигнам месечна терапија токму додека бев во бањата и не можев да поверувам кога ми кажаа дека може да платам само во готово – вели нашата соговорничка.

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески вели дека тие немаат ингеренции да влијаат врз надоместоците што се плаќаат за користење на ПОС-терминалите.

– Ние немаме контрола на тој надоместок затоа што тие се во рамките на системите какви што се Виза, Мастеркард, кои во зависност од договорот што го има некоја банка со нив, определуваат тарифи, а тие се веќе значајно намалени. Пристапот за плаќања во системот на СЕПА (единствениот систем за плаќање во евра) значи голем чекор напред. Либерализацијата на платниот промет во земјата, влезот на нови даватели на услуги, секако ќе влијае и ќе прави притисок на намалување и на надоместоците во иднина – изјави Славески.

Тој вели дека и самите граѓани сè уште од најразлични причини користат готовина, особено во помалите места каде што има и трговци што не се ДДВ-обврзници.

– По мои процени, иако ќе се намалува готовината во оптек, таа ќе биде присутна во наредните десетина години. За поситни плаќања граѓаните ќе имаат потреба од готовина. Затоа ние сакаме преку националната мрежа на банкомати да им овозможиме олеснување, да бидат ослободени од високите трошоци за подигање готовина, ако во населеното место нема банка преку која тие примаат доход, да може без надоместок тоа да го направат преку која било банка – вели гувернерот.

Македонија е меѓу земјите во Европа со највисоки стапки на сива економија, што ја чини државната каса близу 700 милиони годишно евра од неплатени даноци, покажуваат анализите на „Фајненс тинк“. Списокот од што сè се „храни“ сивата економија е долг, но плаќањето во готово е исто така шанса за незаконско поминување на парите преку касата на некоја фирма, без да се регистрира прометот. Наши извори од трговијата велат дека им се нуди на купувачите да платат во кеш, дури и таму каде што има можност за плаќање со картичка, но затоа ќе добијат поевтин, односно неоданочен производ.

Во државава во март годинава (последни податоци на Народната банка) имало 34.742 терминалски уреди ПОС (уреди за електронски пренос на средства на продажни места) што е за 99 помалку отколку во февруари, но е за 2.470 повеќе отколку во јануари 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот