Урбанизацијата го гази Маврово: Станбени комплекси среде пасишта и шуми

Фото: Фејсбук

Станбениот комплекс на „Фортон МКА“ се граничи со густа букова шума, една од природните карактеристики на мавровскиот крај прогласен за национален парк уште во 1949 година, а се планираат и нови згради крај скијачките терени.

Интензивната урбанизација што му се случува на Националниот парк Маврово и најавите за нови градби, предизвикаа негативни реакции во јавноста, но ги покажаа и слабостите во системот на заштитата на природните реткости во државава. Летово на површина од 9.000 квадратни метри во непосредна близина на влезот во Скијачкиот центар Маврово, над последните селски куќи почна изградба на огромен резиденцијален комплекс од седум станбени згради со вкупно 180 стана.

Партијата Левица во соопштение до јавноста објави дека комплексот се гради без соодветни дозволи од Министерството за животна средина, а на социјалните мрежи веќе има коментари дека скопската населба Ново Лисиче се пресликува и врз негибнатата природа на мавровскиот крај. „Фортон МКА инвест“, фирмата што го гради резиденцијалниот комплекс во срцето на Националниот парк Маврово, ги има сите потребни дозволи за изградба на зградите, информираат за „Слободен печат“ од компанијата.

– Плацовите на кои се гради, се уредно купени од претходните сопственици, жители на Маврово, ги имаме сите одобренија за градба, посебно бидејќи првпат градиме, не сакавме да згрешиме во ниту еден чекор – вели Влатко Богоевски, директор на „Фортон МКА“.

Богоевски вели дека земјиштето го купил во 2019 година како пасиште, дека на плацот исекол вкупно три дрвја за потребите на изградбата на станбените згради и дека за тоа била уредно извадена дозвола од администрацијата на Националниот парк Маврово.

Дека „Фортон МКА“ ги има сите потребни согласности и дозволи за отпочнување со градба на овој туристички објект, потврдуваат во својот допис до медиумите и од Општина Маврово-Ростуше, истакнувајќи дека тој објект ќе бил „од големо значење за развојот на туризмот во општината“.

„Актуелниот урбанистички план, каде што се наоѓаат локациите, споменати во текстот на политичката партија Левица, за село Маврово, е донесен во 2015 година“, стои во дописот од Општината, од каде што најавуваат дека и во иднина ќе продолжат активно да привлекуваат домашни и странски инвеститори за да станат најатрактивна туристичка дестинација во регионот.

Самир Ајдини, директор на НП Маврово, вели дека управата на Националниот парк Маврово нема никакви ингеренции во областа на деталните урбанистички планови за Маврово и дека тие се во надлежност на Општина Маврово-Ростуше.

– Во ваквите постапки Општината бара дозвола од Министерството за животна средина, а МЖСПП пак од нив само бара мислење. Измените на ДУП односно АУП како што се нарекува, за овој дел на Маврово, биле правени во 2015 година и тогашното раководство на Националниот парк дало позитивно мислење, со што нам сега ни ги врзале рацете да реагираме, без оглед што сметаме дека не треба да има изградба на големи објекти за домување – вели Ајдини.

Просторот на кој се гради станбениот комплекс на „Фортон МКА“ се граничи со густа букова шума, една од природните карактеристики на мавровскиот крај поради кој овој предел и бил прогласен за национален парк уште во 1949 година. Според директорот на компанијата „Фортон МКА“, нивниот објект не ја загрозува шумата бидејќи е лоциран под неа. На снимката од сајтот на Државен катастар на РСМ се гледа дека над парцелата на која гради „Фортон МКА“ има уште најмалку триесетина парцели во густа букова шума, од кои дел, според неофицијални информации, се веќе откупени и на нив исто така ќе се гради.

Од МЖСПП велат дека во однос на „дозволата за градба“, тој вид документација не е во нивна надлежност. За донесувањето на тој план и на крајот за издавање дозвола е надлежна Општина Маврово-Ростуше, ни одговорија од Министерството за животна средина.

„Наша надлежност е издавање Услови за планирање за Урбанистички план за село. Општината требало да ги следи насоките од условите за планирање. Ние како министерство немаме надлежност да контролираме, тоа си е работа на градежната инспекција, а ако планот е така донесен, прашајте го градоначалникот зошто и каков план е одобрен“, се вели натаму во дописот на МЖСПП.

Извесно е дека градбата на „Фортон МКА“ нема да биде и единствениот голем резиденцијален комплекс што ќе се гради среде природната убавина на Националниот парк Маврово.

– Треба да се земе предвид дека сепак таа се гради во зоната за одржливо користење, една од трите зони на заштита во НП Маврово, во која е дозволена комерцијална изградба – вели директорот на НП Маврово.

Останатите две зони, зоната за активно управување и зоната за строга заштита, имаат поинакви режими на управување.

Сепак, ова зонирање е од 1986 година, а со репрогласувањето на Националниот парк Маврово според важечкиот Закон за заштита на природата се доцни речиси 13 години. Еколошките здруженија сметаат дека процесот на репрогласување на Маврово со донесување нов закон за НП Маврово е намерно закочен, токму за да може несметано да се гради среде негибнатата природа на овој крај. Надлежните институции немаат одговор зошто сѐ уште не е донесен новиот закон за Маврово, иако јавни расправи се одвивале во текот на 2011 и 2012 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот